19/03/2010
БРИСЕЛ, Белгија -- Грчкиот премиер Јоргос Папандреу ги повика водачите на ЕУ да се согласат за финансискиот механизам за неговата држава, кога ќе се состанат следната недела. Во четврток во Брисел започнува самитот на ЕУ, на кој главна точка на дневниот ред ќе биде грчката должничка криза. „Јас не барам пари, но сакам да видам инструмент на маса ...; заем кој ќе биде доволен да се загарантира дека гласините и шпекулаторите се повлекуваат“, изјави Папандреу за комисијата на Европскиот парламент во четвртокот (18-ти март). Во средата тој не ја отфрли можноста да се побара помош од ММФ, ако биде потребно.
Во Грција таксистите и сопствениците на бензиски пумпи започнаа 24-часовен штрајк во четвртокот против планираните реформи кои ќе ги обврзат да им издаваат сметки за ДДВ на муштериите. Новите цифри на невработени лица објавени во четвртокот покажаа дека стапката на невработеност во четвртото тримесечје од 2009 година се искачила на 10,3 отсто, во споредба со 7,9 отсто една година претходно. (AФП, Блумберг, АП, Фајненшал тајмс - 18/03/10)
19/03/2010
ПРИШТИНА, Косово -- Според закажаното, косовската полиција во четвртокот (18-ти март) ја презеде одговорноста за заштитата на српски споменик, надвор од Приштина. Персоналот на КФОР го заштитуваше од 1999 година, но вели дека полицијата покажала оти е подготвена за оваа задача. Белград, политичарите на косовските Срби и Србите ја критикуваат промената. Српското Министерство за Косово во соопштение објави дека потегот ги покренува прашањата за искреноста на напорите за заштите на историските споменици од културна важност за Србите. Споменикот во Газиместан, надвор од Приштина, е подигнат во чест на Битката на Косово во 1389 година против отоманската окупација. (ББС, Телеграфи, РТК, Кохавижн - 18/03/10)
19/03/2010
ПОДГОРИЦА, Црна Гора -- Турнејата на комесарот за проширување на ЕУ, Стефан Филе, низ Западен Балкан вклучуваше посети во четвртокот (18-ти март) на Подгорица и Сараево, каде што тој разговараше за потребата од реформи со цел унапредување на процесот на интеграција на ЕУ. По состанокот со премиерот Мило Ѓукановиќ, Филе ги повика властите да продолжат со борбата против корупцијата и организираниот криминал. Ѓукановиќ рече дека Црна Гора се надева на кандидатски статус до крајот на годинава.
Во Сараево, Филе рече дека очекува Европската комисија (ЕК) да одлучи до средината на април дали ќе препорача укинување на визниот режим за босанските граѓани. Филе ја пофали земјата за нејзиниот напредок во исполнувањето на критериумите од патоказот за визната либерализација со ЕУ.
Филе во петок се очекува во Косово и Албанија. Тој беше цитиран во тиранскиот дневен весник Шкип, дека ЕК започнала подготовки за мислењето во врска со апликацијата на Албанија за кандидатски статус во ЕУ. Тој изјави за приштинскиот весник „Коха Диторе“ дека постои консензус во ЕУ за иднината на Косово во блокот, додавајќи дека Унијата ги следи институциите за да види дали се борат против корупцијата, организираниот криминал и другите прашања споменати во извештајот за напредокот на ЕК во 2009 година. (Шкип, Топ ченал, Топ њус, Коха Диторе, Телеграфи, РТК - 19/03/10; Б92, Танјуг, РТЦГ, Портал Аналитика, Кафемонтенегро, РТРС, Дневни аваз, Срна, Фена - 18/03/10)
19/03/2010
ТИРАНА, Албанија - Владата и опозицијата сé уште не покажуваат знаци за консензус со кој би се ставил крај на политичкиот ќор-сокак кој трае со месеци во земјата. Парламентарната седница за изборите од јуни 2009 година започна во четвртокот (18-ти март) и заврши по полноќ, но не беше успешна -- и покрај големите очекувања од меѓународната заедница -- дека ќе даде резултати. Владата предлага формирање парламентарна комисија која ќе ги испита изборите, додека опозициската Социјалистичка партија инсистира на конкретно отворање на гласачките кутии каде што беа пријавени неправилности. Седницата се очекува да продолжи во петок. (Шекули, Лајмифундит, Ора њус, Топ ченал - 19/03/10)
19/03/2010
НИКОЗИЈА, Кипар -- Претседателот Деметрис Христофиас на прес-конференцијата во четвртокот (18-ти март) рече дека нема да бара реизбор ако разговорите за повторно обединување на поделениот остров пропаднат. Христофиас и водачот на кипарските Турци Мехмет Али Талат продолжија со разговорите со кои посредуваат ОН за ставање крај на неколкудецениската поделеност на Кипар, но досега постигнаа само ограничен напредок. Христофиас беше избран со петгодишен мандат во 2008 година, при што вети дека ќе го реши кипарското прашање. (AП, Ворлдбулетин, Хуријет - 18/03/10)
19/03/2010
AНКАРА, Турција -- Полицијата уапси околу 20 активни и пензионирани воени офицери во четвртокот (18-ти март), во рамките на истрагите за т.н. организација Ергенекон, објавија медиумите. Групата е осомничена дека планирала соборување на владата на владејачката Партија на правдата и развојот. Апсењата од четвртокот беа спроведени во осум градови. Според НТВ, во домовите на осомничените биле пронајдени пиштоли и гранати. Нивниот идентитет не е обелоденет. (Ројтерс, Хуријет, Гардијан, АП - 18/03/10)
19/03/2010
СОФИЈА, Бугарија -- Парламентот во четвртокот (18-ти март) го одобри назначувањето на Томислав Дончев, поранешен градоначалник на Габрово, за нов министер без портфељ, одговорен за управување со финансиските средства на ЕУ. Парламентот му даде на кабинетот период од еден месец да ги разјасни точно неговите должности. Премиерот Бојко Борисов рече дека новата позиција е отворена за подобро координирање на управувањето, кое досега беше дел од должностите на министерот за финансии. (Дневник, Дарик, БНР - 18/03/10)
19/03/2010
СОФИЈА, Бугарија -- Парламентот во четвртокот (18-ти март) едногласно усвои предлог-закон за забрана на одгледувањето Генетски модифицирани организми (ГМО) за научни и комерцијални цели. Гласањето доаѓа во време на жестока јавна дебата и протести. Во средината на јануари пратениците ги одобрија на првата расправа амандманите предложени од страна на владата на владејачката ГЕРБ, за намалување на ограничувањата за ГМО, во согласност со легислативата на ЕУ. ГЕРБ подоцна ја откажа својата поддршка за измените. (Дневник, БНР, Софија ечо, Еурактив, Ројтерс - 18/03/10)
19/03/2010
БЕЛГРАД, Србија -- Претседателот Борис Тадиќ разговараше со својот словенечки колега Борут Пахор за самитот на ЕУ и Балканот во Словенија в сабота, потврди во четвртокот кабинетот на Тадиќ. Пахор го посети Белград доцна во средата. За време на разговорите Тадиќ го повторил ставот на Белград дека неговото учество на конференцијата во Брдо ќе зависи од тоа дали Косово ќе биде претставено според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност или како независна држава. Пахор им кажа на словенечките новинари дека успехот на форумот не зависи од ниту една личност. (Бета, РТС - 18/03/10)
19/03/2010
САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Високиот претставник Валентин Инцко во четвртокот (18-ти март) објави дека мостарскиот огранок на Канцеларијата на високиот претставник (КВП) ќе биде затворен од 30-ти јуни, како резултат на напредокот постигнат таму. Градот избра градоначалник во декември, кога мостарскиот градски совет го назначи босанскиот Хрват Љубо Бешлиќ на функцијата. Претходното непостигнување договор ја остави позицијата испразнета повеќе од 14 месеци. (БХРТ, Фена, ОХР - 18/03/10)
19/03/2010
ЗАГРЕБ, Хрватска -- Владата во четвртокот (18-ти март) ја одобри ревидираната верзија на својот антикорупциски план, скратувајќи одреден број мерки, но проширувајќи го бројот на комисиите и министерствата што ќе ги спроведуваат. Премиерката Јадранка Косор вели дека ревизијата фрла акцент на следењето на соодветната примена на финансиските средства кои се ставени на располагање преку различни грантови, и вели дека планот, исто така, ќе биде во фокусот на една поголема транспарентност во финансирањето на политичките партии. Министерот за правда, Иван Симоновиќ истакна дека ревидираниот план е изработен во соработка со Европската комисија. (ХИНА, Пословни, Нова ТВ - 18/03/10)
19/03/2010
БУКУРЕШТ, Романија -- Наставниците ќе отпочнат 24-часовен штрајк на 22-ри април, за да го искажат своето незадоволство од планираните кратења на платите и отпуштањата, изјави на прес-конференцијата во четвртокот (18-ти март) синдикалниот водач Мариус Нистор. Почнувајќи од понеделник, наставниците ќе прекинат со запишување на оценките во училишните документи и ќе започнат со бојкот на националните тестови. Одлуката уследи откако владата го одобри новиот предлог-закон за образованието и дозволи двонеделна јавна дебата пред конечното одобрување. Синдикатите велат дека нема доволно време. (Mедиафакс, Агерпрес, Хотњус, Nine O'clock - 18/03/10)
19/03/2010
САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) - Судот го осуди поранешниот полицаец Љубиша Четиќ на 13 години затвор во четвртокот (18-ти март), за воени злосторства врз цивили, извршени за време на конфликтот во периодот 1992-1995 година. Четиќ беше осуден за убиствата на околу 200 Бошњаци и Хрвати од Приедор во 1992 година, во Коричанске Стјене на планината Власич. Тој призна дека е виновен. (РТРС, БХРТ, Срна, Дневни аваз - 18/03/10)
19/03/2010
AТИНА, Грција - Импровизирана бомба експлодираше рано во петокот (19-ти март) пред канцеларијата на екстремнодесничарска група во Атина. Експлозијата предизвика штета, но повредени немаше. Канцеларијата на Криси Авни (Златна зора) се наоѓа на петтиот кат од зградата во близина на плоштадот Омонија. Полицијата ја евакуираше зградата по телефонското предупредување во весникот Елефтеротипија. (Ројтерс, СНН, АНА-МПА - 19/03/10)