17/03/2010
НИКОЗИЈА, Кипар -- Кипарскиот претседател Деметрис Христофиас и водачот на кипарските Турци Мехмет Али Талат во вторникот (16-ти март) разговараа за прашањата на ЕУ, на состанокот кој е дел од интензивираните разговори за повторно обединување на поделениот остров. Се очекува овие разговори да бидат последни пред паузата за изборите на кипарските Турци на 18-ти април. Генералниот секретар Бан Ки-Мун, кој разговараше со својот специјален советник за Кипар Александар Даунер по телефон по состанокот, за новинарите во Њујорк изјави дека е „многу важно“ двајцата водачи да ги продолжат разговорите и покрај изборната кампања на север. „Се надеваме дека двајцата водачи ќе можат да издадат заедничка изјава за договорот што ќе го направат, тоа е моја искрена надеж. Побарав од г-дин Даунер да стори сé што може за да го олесни напредокот“, рече Бан. Даунер објави дека следниот состанок меѓу Талат и Христофиас ќе биде на 30-ти март. (Фамагуста газетe - 17/03/10; Прес-центар на ОН - 16/03/10))
17/03/2010
AНКАРА, Турција -- Обвинителството побара 15 години затвор за секој од тројцата адмирали осомничени дека ковале заговор за дестабилизација на владата на премиерот Реџеп Тајип Ердоган, објавија локалните медиуми во вторникот (16-ти март). Адмиралите се дел од групата од 33 осомничени споменати во обвинението, кое, исто така, вклучува полковници и други армиски офицери. Во јануари Турција отпочна истрага за наводниот заговор наречен „Кафез“. Операцијата започна по извештајот на весникот Тараф, според кој заговорот вклучувал предизвикување конфликт со Грција во Егејското Море и бомбашки напади на некои од најпопуларните џамии во Истанбул. Овие акции, наводно, имале за цел создавање впечаток дека владата не може да ја загарантира националната безбедност и дека армијата треба да се вклучи во справувањето со хаосот. Случајот „Кафез“ се очекува да биде споен со друг сличен случај, наречен „Појразкој“ в петок во истанбулскиот 12-ти Суд за сериозни кривични дела. Судот претходно ги прифати двата случаи одделно. Појразкој е директно поврзан со случајот на криминалната мрежа на Ергенекон, во кој се испитува организацијата за соборување на власта. Муниција која й припаѓала на војската беше пронајдена во истанбулската област Појразкој минатиот април. Цивилните обвинители побараа спојување на случаите, кои потоа ќе ги поврзат двата со Ергенекон. Ако обвинението за „Кафез“ биде споено со случајот Појразкој в петок, можен е нов бран апсења во текот на следните денови, предвидуваат аналитичарите. (Ројтерс, Сабах - 16/03/10)
17/03/2010
АНКАРА, Турција -- Премиерот Реџеп Тајип Ердоган во вторникот се закани дека околу 100.000 нелегални имигранти од Ерменија е можно да бидат екстрадирани од неговата држава. „Околу 170.000 Ерменци живеат во нашата држава. Од нив, 70.000 се турски државјани, а останатите се илегални имигранти кои се наоѓаат на турска територија повеќе од 10 години. Ако ситуацијата продолжи да се развива на овој начин, ние ќе мораме да го испитаме нашиот став кон нив“, рече Ердоган во интервју за турскиот сервис на Би-Би-Си. Оваа изјава уследи откако американскиот комитет и Шведска неодамна ги одобрија резолуциите за именување на убиствата од 1915 година на Ерменците во Отоманската империја како геноцид.
Во вторникот шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд издаде соопштение во кое изразува жалење во врска со одлуката на парламентот за одобрување на документот. „Го информирав премиерот Реџеп Тајип Ердоган во саботата дека жалам за одлуката на Риксдаг [парламент], бидејќи истата го отвора патот за политизација на историските настани. Исто така, изразив загиженост дека ова може да биде искористено од силите во Турција кои се обидуваат да го прекинат процесот на помирување со Ерменија и процесот на реформи во Турција“, рече Рајнфелд. Шведскиот министер за надворешни работи, Карл Билт, исто така, го критикуваше потегот на парламентот. (Ватан, Хуријет, Милијет, Сабах, ИТАР-ТАСС - 17/03/10; AФП - 16/03/10)
17/03/2010
БУКУРЕШТ, Романија -- Социјалдемократската партија (ПСД), најголемата опозициска партија, во вторникот поднесе иницијатива за гласање недоверба на министерот за труд, Михаи Сеитан. Аргументите се поврзани со непопуларните политики што го води министерството, како што се ограничувањето на платите во јавниот сектор, и неговите планови да го стори истото за пензиите. Двете мерки создадоа широко незадоволство кај јавноста. Иницијативата беше разгледана од парламентот, при што расправата најверојатно ќе се одржи в петок, додека самото гласање се очекува на почетокот од следната недела. (Евениментул зилеи - 17/03/10; Реалитатеа, Адеварул, Hotnews.ro - 16/03/10)
17/03/2010
ТИМИСОАРА, Романија -- Авион на нискобуџетскиот авио-превозник „Визер“ кој леташе за Лондон од градот Темишвар на запад се врати на аеродромот рано во вторникот, по заканата со бомба. Сите 165 патници во авионот беа безбедно евакуирани и безбедносните сили го пребараа авионот. Заканата уследи 15 минути по полетувањето на авионот, кога беше примен анонимен телефонски повик со закана за бомбашки напад. (Meдиафакс, АФП, Индепендант - 17/03/10)
17/03/2010
БРИСЕЛ, Белгија/БУДИМПЕШТА, Унгарија/АТИНА, Грција -- Министрите за финансии на ЕУ не сметаат дека е дојден моментот да се обезбеди финансиска помош за Грција, рече во вторникот (17-ти март) шпанската министерка за финансии, Елена Салгадо, чија земја претседава со ЕУ, по состанокот на министрите во Брисел. Таа додаде дека тие се согласиле околу механизмите со кои ќе й се помогне на Грција на краткорочен план, ако таа помош биде потребна. Според извори на Брисел, главниот спор во ЕУ во моментов е кога ќе дојде моментот да й се дадат пари на Грција. Самата грчка влада во многу прилики досега повтори дека не сака пари, туку поддршка за своите мерки на штедење. Комесарот за економски и монетарни прашања на ЕУ, Оли Рен, во вторникот рече дека Грција треба да го предаде својот среднорочен план за буџетските перспективи за периодот до 2012 година до средината на мај. Тој додаде дека Европската комисија ќе расправа в среда за распоредот за воведување на антикризните мерки во Грција во 2010 година.
Исто така, полицијата се судри со демонстрантите во центарот на Атина доцна во вторникот, за време на митингот на државните службеници. Полицијата мораше да употреби зашеметувачка граната за да ги растера демонстрантите, кои фрлаа камења на нив во близина на зградата на парламентот. На демонстрациите присуствуваа околу 2.000 луѓе. Сличен митинг се одржа и во Солун. Нема извештаи за инциденти таму. (Канадиан прес, ИТАР-ТАСС, АП, Ројтерс - 16/03/10)
17/03/2010
МОСКВА, Русија -- Евентуалното распоредување елементи на американскиот противракетен штит не е предмет на расправа ниту на парламентот, ниту на владата во Софија, соопшти во вторникот (16-ти март) претседателката на бугарскиот парламент Цецка Цачева, на состанокот во Москва со претседателот на државната дума Борис Гризлов. Таа додаде дека евентуалното распоредување на вакви елементи е само идеја на НАТО која американските власти ја споделија со медиумите. „Државната дума нема да ратификува евентуална идна спогодба за нуклеарно разоружување со САД, ако истата не вклучува поврзаност со прашањата на ракетната одбрана“, предупреди Гризлов. (БНР, 24 Часа, БНТ, АФП - 16/03/10)
17/03/2010
ТИРАНА, Албанија -- Водачот на опозициската Социјалистичка партија (СП) Еди Рама во вторникот (16-ти март) го повика премиерот Сали Бериша да се согласи на консензус за решавање на актуелниот политички ќор-сокак. Во писмото до Бериша, Рама инсистира на транспарентност на општите избори од 2009 година, со тоа што ќе се дозволи истрага за процесот. Реакцијата уследи откако слично барање на СП беше одбиено претходно истиот ден од страна на владини претставници. „Сакам да најдам излез за проблемот кој го одвојува минатото од европската иднина на Албанија“, се вели во писмото на Рама. Тој истакна дека проверката на некои гласачки кутии нема за цел да го промени крајниот исход од изборите, туку да постави стандарди за идните избори. (Балкан веб, Шекули, Ора њус, ББС - 16/03/10)
17/03/2010
БЕЛГРАД, Србија -- Популарната српска пејачка Ксенија Пајчин (32) и нејзиниот дечко -- црногорскиот манекен Филип Каписода (22), беа пронајдени мртви во вторникот, во станот на пејачката во Белград. Според неофицијалните информации, Каписода ја убил Пајчин, а потоа се самоубил. Полицијата го испитува инцидентот. (Taнјуг, РТС, Бета, Блиц - 16/03/10)
17/03/2010
САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Полицијата во вторникот (16-ти март) приведе десетина луѓе во Братунац и Сребреница, под сомневање за поттикнување на проституција и сексуална злоупотреба на малолетник. Меѓу уапсените се локални функционери, наставници, полицајци и еден имам. Домот на министерот за безбедност, Садик Ахметовиќ, во село во близина на Сребреница, е меѓу претресените. Операцијата беше спроведена откако една малолетна Ромка, ученичка во училиште во Братунац, й кажала на полицијата дека била сексуално злоупотребена од неколку луѓе. Министерот за внатрешни работи на Република Српска (РС), Станислав Чаџо, одби да коментира дали Ахметовиќ бил вклучен во аферата, но изрази жалење што меѓу уапсените има и полицајци. Самиот Ахметовиќ беше сослушан од полицијата и рече дека нема никаква врска со случајот. (Фена, РТРС, Срна, БХРТ, Б92, АП - 16/03/10)
17/03/2010
СТРАЗБУР, Франција -- Европскиот суд за човекови права во вторникот (16-ти март) донесе одлука дека Хрватска дискриминирала 15 ромски деца одземајќи им го правото да присуствуваат на настава со другите ученици. Случаите на дискриминација се пријавени во основните училишта во Ореховица, Подтурен и Трновац, каде што овие ученици биле ставени во одделни училници. Државата мора да плати 4.500 евра по лице и 10.000 евра за трошоци. Судот со седиште во Стразбур, сепак, потврди дека Хрватска вложува напори да загарантира пристап до училиштата за ромските деца. (Хина, ХРТ, Нова ТВ, Јавно, ББС - 16/03/10)
17/03/2010
СКОПЈЕ, Македонија -- Командантот на сојузничките сили на НАТО за Неапол, адмирал Марк Фиџералд, во вторникот (16-ти март) рече дека македонските војници се добро обучени и подготвени да учествуваат во мисиите во странство. По разговорите со министерот за одбрана, Зоран Коњановски, и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал Мирослав Стојановски, Фиџералд предвиде светла иднина за Македонија во НАТО. Официјалните претставници разговараа за реформите во македонската армија и понатамошните инвестирања во воениот полигон Криволак. Коњановски најави дека до крајот на овој месец или почетоко на април, 79 нови македонски војници ќе бидат распоредени во Авганистан. (MИА, А1, Макфакс - 16/03/10)
17/03/2010
ПРИШТИНА, Косово -- Неколку дена пред посетата на Приштина, комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе, јасно стави до знаење во вторникот (16-ти март) дека ќе бара од косовските власти да ја зајакнат нивната борба против корупцијата, организираниот криминал и перењето пари, и да ја реформираат јавната администрација. Филе истакна дека Косоварите мора да бидат горди со своите достигнувања, но предупреди дека мора да знаат оти мора да се стори уште многу, за да се одржи темпото на нивните процеси на интеграција во ЕУ. Во соопштението за печатот издадено од Канцеларијата за врски на Европската комисија во Косово, Филе истакна дека одржувањето на стабилноста и спроведувањето на владеењето на правото во цело Косово, остануваат предизвици со кои се соочува Косово. (Зери, Коха Диторе - 17/03/10; КЛАН Косова, КТВ - 16/03/10)
17/03/2010
ПРИШТИНА, Косово -- Српскиот меморијален споменик во Газиместан, надвор од Приштина, наскоро ќе биде заштитуван од страна на Косовската полиција, која ќе ги замени силите на КФОР. Портпаролот на косовската полиција, Баки Келани, во вторникот (16-ти март) рече дека надлежностите сé уште се во рацете на КФОР, но полицијата започнала подготовки за преземање на заштитата на споменикот. Во реакцијата, српското Министерство за Косово објави дека одлуката за повлекување на КФОР од Газиместан не е правилна. Преземањето на должноста за чување на споменикот кај Газиместан ќе биде прв случај на заштита на српски културен споменик во Косово од страна на косовската полиција. Споменикот е подигнат за средновековната Битка на Косово во 1389 година. (Кохавижн, РТК, Телеграфи, РТВ 21 - 16/03/10)
17/03/2010
БУКУРЕШТ, Романија/БРИСЕЛ, Белгија -- Европската комисија (ЕК) во вторникот (16-ти март) објави дека Романија официјално објавила случај на птичји грип во фарма за живина во заедницата Летеа во округот Тулчеа, близу до границата со Украина. Властите во Романија презедоа чекори за контрола на ширењето, се вели во соопштението. Ова е прв случај на грипот во Европа во последнава година. Како дел од мерките за спречување на евентуалното ширење, целата живина на фармата е убиена, и е воспоставена трикилометарска заштитна зона околу истата. (Meдиафакс, Ројтерс, АФП - 16/03/10)