31/05/2011
ХАГ, Холандија -- Обвинителството на Хашкиот трибунал размислува да го спои случајот на поранешниот воен командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, со оној на поранешниот политички водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, рече Фредерик Свинен, политички советник на обвинителот, во понеделникот (30-ти мај). Тој истакна дека сите опции се во оптек во овој момент, но не е донесена никаква одлука. Судењето за воени злосторства на Караџиќ почна во 2009 година, додека екстрадицијата на Младиќ во Хаг се очекува. Судот во Србија во вторникот ја отфрли жалбата на адвокатот на Младиќ, Милош Шаљиќ, кој рече дека неговиот клиент е премногу болен за да го издржи судењето. (Бета, Б92, Танјуг, Политика - 30/05/11)
31/05/2011
БРИСЕЛ, Белгија -- Данскиот дипломат Питер Соренсен е назначен за шеф на делегацијата на ЕУ во Сараево, објави во понеделникот (30-ти мај) шефицата за надворешна политика на ЕУ, Кетрин Ештон. Одлуката доаѓа по одлуката на министрите за надворешни работи на ЕУ во март за зајакнување на присуството на ЕУ во Босна и Херцеговина (БиХ). Потегот, исто така, уследи по неодамнешната посета на Ештон на Бања Лука, каде што таа ги убедуваше водачите да се откажат од референдумот за босанското судство. Назначувањето на Соренсен доаѓа во клучно време за регионот на Западен Балкан и особено БиХ, рече Ештон во нејзината изјава. Соренсен моментно ја предводи делегацијата на ЕУ во Скопје. (Радио Слободна Европа, РТРС, МИA - 30/05/11)
31/05/2011
БЕЛГРАД, Србија -- Здружение на земјоделци во понеделникот (30-ти мај) започна протести откако владата одлучи да ги намали земјоделските субвенции. Земјоделците од Војводина се упатија кон Белград и блокираа неколку патишта во близина на Панчево, но беа спречени од полицијата да стигнат до главниот град. Земјоделците побараа од владата да ги задржи нивоата на субвенциите од 2010 година, кога тие добиваа 144 евра за хектар обработлива почва. Владата одлучи да ги држи субвенциите на висина од 14.000 динари, но ја ограничи сумата на расположливо земјиште на само десет хектари, во обид за кратење на јавните расходи. (РТС, Б92 - 30/05/11)
31/05/2011
БРИСЕЛ, Белгија -- Српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, присуствуваше на брифингот во вторник (31-ви мај) во Брисел, за визните експерти од мисиите на земјите-членки на ЕУ. Во понеделникот тој се состана со комесарката за домашни работи на ЕУ, Сесилија Малмстром, на разговори околу визните прашања. По разговорите, тој потврди дека во моментов нема ризик за безвизниот режим на ЕУ за Србија, и изрази решеност да продолжи со спроведување на мерките со цел спречување на визните злоупотреби. Минатата недела Европската комисија (ЕК) предложи воведување заштитна клаузула која ќе дозволи привремено воведување визи за граѓаните на трета земја. Механизмот ќе се применува под одредени исклучителни околности и како последно средство. ЕК разговара со властите во Србија и Македонија за да се најде начин да се намали бројот на барателите на азил. (Taнјуг, Блиц - 30/05/11)
31/05/2011
ATИНА, Грција -- Пристаништата ќе бидат блокирани во период од четири часа во вторник (31-ви мај) поради протестите на работниците против плановите на владата за приватизација. Пристанишните работници се собраа пред Министерството за поморска трговија во Атина. Во понеделникот околу 300 вработени во телекомот ОТЕ го блокираа влезот на канцеларијата на претпријатието во центарот на главниот град, протестирајќи против владините планови за негова приватизација. Вработените во Хеленик постбенк, која е исто така на листата за приватизација, објавија 24-часовен штрајк во вторникот, по марширањето во Атина во понеделникот. (Имерсиа, Елефтеротипија, Нафтемборики, Етнос, Катимерини - 31/05/11)
31/05/2011
ПРИШТИНА, Косово -- Мешана комисија од двајца косовски судии и еден судија на ЕУЛЕКС во Окружниот суд во Приштина, осудија три лица во понеделникот (30-ти мај) во случај поврзан со шверц на дрога и организиран криминал. Обвинетиот Иљаз Курталиќи беше прогласен за виновен за купување 7,5 килограми хероин од Фаик Мазреку, и обид за шверцување на истиот во Швајцарија. Две други лица остануваат на слобода. Курталиќи и Мазреку се изјаснија за виновни и добија казна од шест години и девет месеци, односно четири и пол години. Соучесникот Шихрет Хасани беше прогласен виновен и осуден на 18 месеци затвор. Тие беа, исто така, казнети со вкупно 35.000 евра. (Кахавижн, Клан Косова - 30/05/11)
31/05/2011
ПРИШТИНА, Косово -- Косово ризикува раскинување на нејзиниот договор со ММФ помалку од две години по добивањето членство. Влошените односи произлегуваат од игнорирањето од страна на владата на препораките на ММФ за водење развојна политика која може да поттикне економски растеж. Во вторникот (31-ви мај) медиумите цитираа блог на поранешниот шеф на економскиот оддел во Меѓународната цивилна канцеларија (ИЦО), Андреа Капусела, во кој тој вели дека косовската програма со ММФ е излезена од колосек, опишувајќи ја како неуспешна за земјата. Според Капусела, ретко се случува владите да не ги исполнат своите обврски кон ММФ. Тој, исто така, рече дека ММФ се очекува официјално да го објави раскинувањето на договорот со Косово. Платите на повеќето вработени во јавниот сектор се зголемија од јануари, како што вети владејачката Демократска партија за време на декемвриската изборна кампања. (Eкспрес, Зери, Коха Диторе - 31/05/11)
31/05/2011
TИРАНА, Албанија -- Во Албанија живее вториот по ред број на пушачи во Европа по Турција, според бројките објавени од страна на Институтот за јавно здравје во Тирана, по повод Светскиот ден против пушењето вторник (31-ви мај). Податоците покажуваат дека околу 40% од албанските граѓани пушат редовно. Специјалистот Роланд Шуперка вели дека еден од најзагрижувачките трендови е зголемениот број млади, женски корисници на цигари. Според него, урбаните жени пушат околу 2,5 пати повеќе од оние во руралните области. (Teлеграфи, Ора њус, АБЦ Њус - 30/05/11)
31/05/2011
БУКУРЕШТ, Романија -- Владејачката коалиција на Либералдемократската партија (ПДЛ) и Демократскиот сојуз на Унгарците во понеделникот (30-ти мај) го поврати мнозинството во Сенатот, откако независниот пратеник Јон Тома се приклучи на групата на Националниот сојуз за напредокот на Романија, која ја поддржува коалицијата. Претходно истиот ден, сенаторот Сербан Радулеску, објави дека ја напушта парламентарната група на ПДЛ, со што владејачката коалиција го изгуби мнозинството. По потегот на Тома, владејачката коалиција ќе има 69 од 139 сенатори. Опозициската Социјалдемократска партија и Националлибералната партија имаат вкупно 68 сенатори, но Каталин Воицу е моментно во притвор поради обвиненијата за корупција, што всушност значи дека групата има 67 гласови. (Hotnews.ro, Романија либера, Реалитатеа, Зиаре - 30/05/11)
31/05/2011
AНКАРА, Турција -- Демократските влади не можат да ги спречат граѓаните да испратат нова хуманитарна флотила во Газа, рече во понеделникот (30-ти мај) министерот за надворешни работи, Ахмет Давутоглу, една година отккао турски брод беше нападнат од израелски командоси, при што шест турски активисти беа убиени. Неговата изјава беше одговор на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, кој во петокот ги повика владите да се обидат да ги убедат активистите да се откажат од плановите за испраќање на хуманитарна флотила. „Ниту една демократска земја не може да мисли дека има генерална контрола над невладините организации“, истакна Давутоглу. Невладините организации планираат втора хуманитарна флотика следниот месец. (Хуријет, Интернет хабер - 30/05/11)
31/05/2011
ТБИЛИСИ, Грузија -- Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган ќе биде во соседна Грузија во вторник (31-ви мај) за да присуствува на инаугуративната церемонија за новиот пограничен премин. Двете земји се очекува да потпишат договор кој ќе ги олесни визните режими за нивните граѓани, кои треба да стапат на сила во јули. (Новинска агенција Анадолу, Тренд, Хуријет - 30/05/11)