09/03/2010
БЕЛГРАД, Србија -- Претседателот Борис Тадиќ, кој ја предводи Демократската партија (ДС), во понеделникот (8-ми март) се состана со Иштван Пастор, водачот на Сојузот на војводинските Унгарци (СВМ), на разговори околу стратешкото партнерство меѓу нивните две партии во врска со напорите за интеграција на Србија во ЕУ. Тие се согласија да ги решаваат сите идни проблеми со дијалог. Односите меѓу двете групи се заладија откако СВМ, дел од владејачката коалиција, одби да ги поддржи буџетскиот предлог-закон за време на гласањето во парламентот во декември. (Tанјуг, Политика, Блиц - 08/03/10)
09/03/2010
СКОПЈЕ, Македонија -- Белгискиот премиер Ив Летерм во понеделникот (8-ми март) го посети Скопје, и потврди дека неговата земја нема да им доделува политички азил на Македонците кои го бараат истиот од економски причини. Неговите разговори со македонскиот колега Никола Груевски уследија по извештаите за прилив на етнички Албанци кои бараат азил по укинувањето на визниот режим со ЕУ за Македонија. Двајцата водачи се обврзаа на тесна соработка во врска со ова прашање. Тие, исто така, разговараа за кандидатурата на Македонија за ЕУ. Летерм, чија земја ќе го преземе ротирачкото претседателство на ЕУ во јули, ја потврди поддршката на Белгија за интеграцијата на земјите од Западен Балкан. (MИА, МРТ, Алсат, А1 - 08/03/10)
09/03/2010
БЕЛГРАД, Србија -- Швајцарија ќе одвои 40 милиони евра во текот на следните три години, за поддршка на напорите за интеграција на Србија во ЕУ, рече во понеделникот (8-ми март) швајцарскиот амбасадор во Белград, Ервин Хофер. Во изнесувањето на стратегијата на Швајцарија за соработката со Србија во периодот 2010-2013 година, Хофер истакна дека приоритет за Белград е да се подготви за пристапување во ЕУ. Средствата ќе бидат одвоени од програмите со цел подобрување на економската конкурентност и социјалното вклучување на малцинствата и маргинализираните групи. (Бета, Б92, Танјуг - 08/03/10)
09/03/2010
РИМ, Италија -- Министерот за надворешни работи, Франко Фратини, вели дека ЕУ треба да го укине визниот режим за Босна и Херцеговина (БиХ), како што стори и за другите балкански држави. Во своето обраќање на меѓународниот форум во Горица, во врска со развојот на Јадранско-балканскиот регион во понеделникот (8-ми март), Фратини ја опиша БиХ како приоритет за Италија и ЕУ. Тој истакна дека 15 години по Дејтонскиот мировен договор, државата треба да се приближи до блокот. (Танјуг, Дневни аваз, АНСА - 08/03/10)
09/03/2010
ТИРАНА, Албанија -- Претседателот Бамир Топи побара од сите политички партии да работат повеќе на реформите кои се клучни за интеграцијата во ЕУ. На состанокот на судскиот сектор во понеделникот (8-ми март), Топи рече дека придонесот што се очекува од опозицијата за усвојување на мерките што се очекуваат во парламентот, ги надминува партиските интереси. Топи посредуваше во разговорите минатиот месец меѓу опозициската Социјалистичка партија (СП) и владејачката Демократска партија, кои на крајот резултираат со прекинување на долготрајниот бојкот на парламентот од страна на СП. По нејзиното враќање, партијата се фокусира само на прашањата за кои е засегната. (Шекули, Лајмифундит, Топ ченал, Алсат - 08/03/10)
09/03/2010
TИРАНА, Албанија -- Американскиот амбасадор Џон Витерс во понеделникот (8-ми март) ја пофали работата на генералната обвинителка Ина Рама, велејќи дека таа го брани истовремено својот интегритет и независноста на финкцијата пред политичкиот притисок. Според Витерс, Рама се соочува со напади од политичките групи, честопати објавувани во медиумите, кои ја критикуваат за тоа што си ја врши работата. Таа е честопати на удар по нејзиното назначување во ноември 2007 година, и е напаѓана подеднакво од владата на премиерот Сали Бериша и од опозицијата, по започнувањето истраги од висок профил против оние во највисоките ешалони на власта. (Њус 24, Топ ченал, Телеграфи, Балкан инсајт - 08/03/10)
09/03/2010
TИРАНА, Албанија -- Деветмина нелегални албански имигранти беа уапсени од грчката погранична полиција во неделата (7-ми март), откако заглавија во длабокиот снег. По илегалното преминување на границата, деветмината останале заробени без храна и на крајот ја повикале полицијата за помош. Спасена од грчките власти, групата й била предадена на албанската полиција во понеделникот. (ВоА, Коха Јоне, Шекули, Лајмифундит - 08/03/10)
09/03/2010
СОФИЈА, Бугарија -- Лекарите во два града започнаа штрајк во понеделникот (8-ми март), откако Министерството за здравство не им плати за нивната работа во јануари. Акцијата се прошири во другите помали и поголеми градови, вклучително и во Софија, во вторникот. Демонстрантите, исто така, инсистираа на реформи во здравствената заштита, особено во процесот на упатување на пациентите на понатамошно лекување. Во обид за решавање на прашањето, премиерот Бојко Борисов во понеделникот објави дека владата има намера да ги зголеми придонесите за здравственото осигурување за 2отсто на 10 отсто, што е можно поскоро, наместо следната година, како што беше предвидено. Буџетот за здравствената заштита е намален за околу 14 отсто оваа година, во споредба со минатата. (Фокус - 09/03/10; БНТ, Стандард - 08/03/10)
09/03/2010
СОФИЈА, Бугаријa -- Премиерот Бојко Борисов во понеделникот (8-ми март) објави дека Европската комисија (ЕК) ја поддржува идејата за именување нов министер без ресор кој ќе биде задолжен за апсорпцијата на финансиските средства на ЕУ. Градоначалникот на Габрово, Томислав Дончев, е најверојатниот кандидат за пополнување на функцијата, избран од Борисов поради големиот број проекти финансирани од ЕУ кои се иницирани во неговиот округ. Моментно, министерот за финансии, Симеон Џанков, е задолжен за подобрување на апсорпцијата на средствата на ЕУ. (Дневник, БТA - 08/03/10)
09/03/2010
БРИСЕЛ, Белгија -- Комесарот за економски и монетарни прашања на ЕУ, Оли Рен, планира да ја информира Европската комисија (ЕК) во вторникот (9-ти март) во врска со предлогот за воспоставување европска верзија на ММФ. Портпаролот на Рен, Амадеу Алтафај Тардио, рече дека предлогот има за цел „засилување на економската координација и набљудувањето на државите“ низ цела Европа, особено во Еврозоната, потресена во последно време од финансиската криза во Грција. Во интервјуто од понеделникот за Фајненшал тајмс Дојчланд, Рен објасни дека обезбедувањето финансиска помош преку заеми или гаранции, со помош на овој инструмент, ќе вклучува „строги услови“. (AФП, Фајненшал тајмс - 08/03/10)
09/03/2010
AТИНА, Грција -- Нови протести се планирани за оваа недела против владиниот пакет мерки на штедење, кои имаат за цел намалување на трошоците со истовремено зголемување на приходите. Даночните власти се приклучија на националниот штрајк во понеделникот (8-ми март), како и минатиот месец. Судовите се затворени по неколку часа на ден цела недела, а голем протест -- организиран од двата најголеми синдикати во државата, ГССЕ и АДЕДИ -- е закажан за в четврток. (Фокус - 09/03/10; AНА-МПA - 08/03/10)
09/03/2010
АТИНА, Грција -- Два земјотреси со јачина од 4,0 и 4,3 степени според Рихтеровата скала ја потресоа централна Грција рано во вторникот (9-ти март). Епицентрите беа околу 95 километри северно од Атина. Нема извештаи за повредени или материјална штета. (EРТ, Катимерини, АНА-МПА - 09/03/10)
09/03/2010
ПРИШТИНА, Косово -- Дипломатите на НАТО ја поддржаа одлуката на КФОР за замрзнување на односите со Косовските безбедносни сили (КСФ), откако членовите на новоформираните сили носеа оружје за време на церемонијата минатата недела. Портпаролот на НАТО Џејмс Апатураи во понеделникот (8-ми март) рече дека некои поединци се спротивставиле на инструкциите и сугестиите на КФОР, што испрати погрешен политички сигнал. (Коха Диторе, Косова Сот - 09/03/10; Кохавижн, РТК - 08/03/10)
09/03/2010
ПРИШТИНА, Косово -- По состанокот во понеделникот (8-ми март), владата го објави формирањето шест работни групи за спроведување на стратегијата за северно Косово, каде што доминира српското население. Групите ќе вклучуваат членови на владата, Меѓународната цивилна канцеларија и ЕУЛЕКС. Групите ќе работат на владеењето на правото, враќањето на имигрантите, помирувањето и отпочнувањето дијалог, социјал-економскиот развој на регионот, реформите на локалната администрација, зајакнувањето на јавната служба и комуникациите. (Коха Диторе, Експрес, Косова Сот, Лајм - 09/03/10)
09/03/2010
НИКОЗИЈА, Кипар -- Министерството за правда во вторникот (9-ти март) објави дека мотивот за кражбата на телото на починатиот претседател Тасос Пападопулос бил откуп, кој семејството одбило да го плати. Полицијата го пронајде телото во понеделникот, три месеци откако беше украдено од неговиот гроб во Никозија. ДНК анализата потврди дека остатоците се негови. Полицијата го откри телото на неколку километри оддалеченост од гробиштата каде што починатиот претседател беше закопан. Анонимен јавувач ја даде информацијата. (AНА-МПА, МРТ, ЕРТ, КНА - 09/03/10; AП, ББС - 08/03/10)
09/03/2010
ИСТАНБУЛ, Турција -- Полицијата уапси вооружен маж кој се обиде насилно да влезе во Украинската амбасада во Истанбул во вторникот (9-ти март). Дваесетидеветгодишниот маж, кој носел оружје и рачно направен екслозив, беше застрелан и ранет надвор од амбасадата во округот Бакиркој, од европскиот дел на градот. Безбедносните сили ги евакуираа луѓето од соседните згради. Според градоначалникот на Истанбул, Муамер Гулер, мажот имал домашни проблеми во Украина. (AФП, Ројтерс, ББС, Хуријет, СНН Турк, НТВ - 09/03/10)
09/03/2010
ХАКАРИ, Турција -- Еден војник загина, а тројца други беа повредени во експлозија на бомба во југоисточната провинција Хакари во вторникот (9-ти март). Бројот на жртвите беше ист и во понеделникот, кога експлодираше бомба во истиот регион додека поминувал конвој. Локалните безбедносни сили ја обвинуваат терористичката Курдистанска работничка партија. (ДХА, Хуријет - 09/03/10; TРТ, Ксинхуа, Хуријет, СНН Турк - 08/03/10)