Ахтисари ја освои Нобеловата награда за мир

10/10/2008

OСЛО, Норвешка -- Поранешниот претставник на ОН за Косово, Марти Ахтисари, ја доби овогодинешната Нобелова награда за мир, објави во петокот (10-ти октомври) Нобеловата фондација. Нобеловиот комитет ги наведе како причина за својата одлука „неговите значајни напори на неколку континенти и во текот на повеќе од три децени, за решавање на меѓуродните конфликти“. Поранешниот фински претседател беше специјален претставник на ОН за разговорите во врска со конечниот статус на Косово и посредуваше во договорот од 2005 година во индонезиската провинција Ацех. Тој, исто така, работеше на решавањето на конфликтите во Намибија, Ирак и Северна Ирска. Ахтисари рече дека е „многу среќен и благодарен“ што ја доби наградата. (ББС, Б92, Ројтерс, АП - 10/10/08)

Црна Гора и Македонија ја признаа независноста на Косово

10/10/2008

ПОДГОРИЦА, Црна Гора -- Црна Гора и Македонија ја признаа независноста на Косово во координираниот потег од четвртокот (9-ти октомври). Црногорскиот министер за надворешни работи, Милан Рочен, ја објави одлуката на својата влада. „Ова не е одлука против Србија, туку за нашата иднина“, рече тој. Како одговор, Србија ја протера црногорската амбасадорка во Белград, Анка Војводиќ, велејќи таа „повеќе не е добредојдена во нашата земја“.

Во Скопје, министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, објави дека македонската влада, исто така, ја призна независноста на Косово. Пратениците со големо мнозинство ја усвоија резолуцијата поднесена од две партии на етничките Албанци, Демократската партија на Албанците и Демократската унија за интеграција. Клучната поддршка за резолуцијата дојде од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија се воздржа од гласање. „Ова е потег кој одговара на реалноста. Ние веруваме дека тој нема да ги загрози нашите односи со Србија“, рече Милошоски.

Исто така во четвртокот, Србија објави дека ги враќа своите амбасадори во Соединетите Држави и другите земји -- вклучително и Јапонија, Канада и Австралија -- кои претходно ја признаа независноста на Косово. Во јули Белград ги врати своите амбасадори од 22-те земји-членки на ЕУ што ја признаа независноста на поранешната српска покраина. (Вијести, Дневник, Вечер, Утрински весник, Зери, Коха Диторе, ББС, Експрес, Косова Сот - 10/10/08; РТЦГ, МИНА, Макфакс, МИА, А1, Танјуг, Б92, Фонет, Бета, АФП, Ројтерс, АП, РТС, ВОА - 09/10/08)

Турските воздухопловни сили го бомбардираа северен Ирак, убивајќи милитанти на ПКК

10/10/2008

АНКАРА, Турција -- Воени авиони и артилериски единици бомбардираа бази на терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК) во северен Ирак, убивајќи голема група милитанти на ПКК, објавија вооружените сили во петокот (10-ти октомври). Операцијата беше спроведена доцна во четвртокот, објави портпаролот на војската, генерал Метин Гурак, без да ја даде локацијата или бројот на убиени милитанти на ПКК. Офанзивата беше последна во серијата казнени мерки во северен Ирак, како одмазда за заседата на ПКК пред една недела, во која загинаа 17 турски војници.

Во четвртокот турското Министерство за надворешни работи објави дека Анкара очекува поголема поддршка од властите во северен Ирак и од ЕУ, во борбата против ПКК. Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, го осуди минатонеделниот напад на ПКК, како и регионалниот премиер на ирачките Курди Нечирван Барзани.

Во меѓувреме, полицијата притвори уште тројца осомничени во врска со нападот во средата на полицискиот шатл автобус во Дијарбакир, Турција, при кој загинаа пет лица, а беа повредени 20. Полицијата трага по уште еден осомничен, наводно одговорен за планирање на нападот. Сите осомничените се, наводно, членови на ПКК. (Заман, Ватан, Милијет - 10/10/08; СНН Турк, новинска агенција Анадолу, Хуријет, НТВ - 09/10/08)

Кипарските водачи разговараа за идната федерална администрација

10/10/2008

НИКОЗИЈА, Кипар -- Претседателот Деметрис Христофиас и водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат, ќе се состанат во петок (10-ти октомври), за најновата рунда директни разговори со цел повторно обединување на поделениот остров. Тие се очекува да разговараат за формата на идното федерално извршно тело во рамките на поглавјето „Извршна власт и поделба на власта“. По затворањето на ова поглавје, набљудувачите очекуваат следното прашање да бидат имотните права.

Исто така во четвртокот, група меѓународни државници познати како „Постарите“, во која членува и поранешниот американски претседател Џими Картер и јужноафриканскиот добитник на Нобеловата награда за мир, надбискупот Дезмонд Туту, ги повикаа кипарските водачи да ја искористат можноста за повторно обединување на островот. „Двајцата водачи имаат состанок со иднината“, рече Туту на прес-конференцијата за време на посетата на Никозија. „Неуспехот не е опција.“ (новинска агенција Анадолу, Хуријет, КНА, Политис, Филелефтерос - 09/10/08)

Aлбанските банки нема да трпат негативни последици од меѓународната криза, вели ММФ

10/10/2008

ТИРНА, Албанија -- Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во четвртокот (9-ти октомври) ги увери набљудувачите дека албанските банки нема да трпат негативни последици од актуелната меѓународна финансиска криза, бидејќи албанскиот банкарски сектор не е интегриран со светската економија, рече претставничката на ММФ во Тирана, Ен-Маргарет Вестин. „Факт е дека банките во Албанија не се изложени на т.н. „токсични“ финансиски инструменти кои се извор на кризата“, истакна Вестин. Таа ја советуваше владата да води внимателна фискална политика како гаранција за инвеститорите дека е способна да ја одржи макроекономската стабилност. (Шкип, Панорама - 10/10/08; Tоп ченал, Топ њус - 09/10/08)

Парламентот на РС предупреди за провокативната реторика

10/10/2008

САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Парламентот на Република Српска (РС) предупреди дека ќе ги искористи „сите средства“ за да ги заштити босанските Срби од екстремистичките коментари кои претставуваат закана за разгорување на меѓуетничките тензии во БиХ, објавија локалните медиуми во четвртокот (9-ти октомври). Пратениците на РС не ја отфрлија можноста за референдум за независност како една можна мерка. „РС изразува подготвеност да ги искористи сите правни и политички мерки, вклучително и правото на референдум, во одбрана на своите легитимни интереси и заштита на својот идентитет потврден со Дејтонскиот мировен договор“, се вели во извештајот подготвен од парламентот, за кој ќе се расправа на вонреднара седница в понеделник. Се работи за изјавата на претседателот на претседателството на БиХ, Харис Силајџиќ, кој ја оспори одржливоста на Дејтонскиот мировен договор во говорот пред Генералното собрание на ОН минатиот месец. (Дневни аваз, Независне новина, Балкан инсајт - 09/10/08)

Романските државни службеници започнаа предупредувачки штрајк

10/10/2008

БУКУРЕШТ, Романија -- Повеќе од 100.000 државни службеници одржаа предупредувачки штрајк во четвртокот (9-ти октомври), барајќи зголемување на платите од 50 отсто. Федерацијата на синдикатите на државните службеници „Сед лекс“ го организираше протестот откако пропаднаа преговорите со Министерството за финансии минатата недела. Државните службеници ја прекинаа работата во период од два часа, блокирајќи ја активноста на даночните служби, пензиските оддели, градските собранија, финансиските администрации, царинските и локалните совети. Демонстрантите, исто така, два часа протестираа пред владата во Букурешт. Нови разговори со владата се закажани за в петок. (Meдиафакс, Зиаре, Реалитатеа ТВ, Агерпрес - 09/10/08)

Станишев го отпушти заменик-директорот на Националната агенција за безбедност

10/10/2008

СОФИЈА, Бугарија -- Премиерот Сергеј Станишев го отпушти Иван Драшков, заменик-директорот на Националната агенција за безбедност (НСА) во четвртокот (9-ти октомври). Драшков беше вмешан во неодамнешниот скандал во врска со наводите дека агенцијата нелегално следела новинари. Минатата недела Елијана Масева, членка на парламентарната комисија за внатрешна контрола, рече дека НСА испитува голем круг новинари со цел да го пресечи протекувањето информации од агенцијата. Во септември сличен скандал изби во врска со тврдењата дека агенцијата нелегално прислушувала лични телефони на неколку пратеници и бизнисмени за политички цели. (Дарик, БНР, БНТ, БТА, Фокус, novinite.com - 09/10/08)

ДС ја отфрли можноста за коалиција со партијата на Николиќ

10/10/2008

БЕЛГРАД, Србија -- Демократската партија (ДС) на претседателот Борис Тадиќ ја отфрли можноста за формирање коалиција со Српската напредна партија (СНС), фракција на Српската радикална партија (СРС), која ја формираше поранешниот заменик-претседател на СРС Томислав Николиќ, објавија медиумите во четвртокот (9-ти октомври). Заменик-претседателот на ДС, Драган Шутановац, рече дека каква било коалиција со СНС ќе биде политички „апсолутно неприродна“. Николиќ ја основаше СНС по отцепувањето од СРС поради несогласувањата со затворениот партиски водач Воислав Шешељ во врска со позицијата на партијата за ратификувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. (Данас, Политика, Бета, Б92 - 09/10/08)

EУ ја повика Албанија да го реформира судскиот систем

10/10/2008

ТИРАНА, Албанија -- Хелмут Лохан, шефот на делегацијата на Европската комисија (ЕК) во Тирана, ја повика Албанија да продолжи со реформите на својот судски систем, објавија медиумите во четвртокот (9-ти октомври). „Реформите се потребни за да му се овозможи на системот да биде независен од политичкото влијание, наспроти промените во власта“, истакна Лохан. Тој, исто така, ги повика политичките водачи да ја забрзаат и завршат работата на Изборниот законик и другите подготовки за изборите следната година. (Газета шкиптаре, Алсат - 10/10/08; Балканвеб - 09/10/08)

Едно лице загина, а три се повредени при експлозија во супермаркет во БиХ

10/10/2008

САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Едно лице загина, а три други беа повредени при експлозија во супермаркет.во четвртокот (9-ти октомври) во централниот град Витез. Едно повредено лице се наоѓа во сериозна состојба. Инцидентот се случил на пладне кога купувачи пронашле три експлозивни направи во продавницата, објави портпаролката на полицијата Љубица Томашевиќ. Сé уште не се знае дали експлозивите биле „поставени или фрлени“, вели полицијата. (Фонет, РТРС, Б92, Ројтерс - 09/10/08)