11/04/2011
КАИРО, Египет -- Tурскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу, се состана со својот египетски колега, Набил Ел-араби, и премиерот Исам Шараф во Каиро во неделата (10-ти април), на разговори околу ситуацијата во Либија. Двајцата дипломати разговараа околу патоказот за мир во Либија предложен од турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган. Планот ги повикува силите блиски до водачот Муамер Гадафи да се повлечат од градовите што ги опседнаа, и предлага воспоставување хуманитарни коридори и сеопфатни демократски промени. Јужноафриканскиот претседател Јакоб Зума во неделата рече дека Гадафи го прифатил патоказот.
Во другите вести од неделата, турското Министерство за надворешни работи ги критикуваше нападите на Израел изминатиот викенд во појасот Газа, опишувајќи ги како „претерани и непропорционални“. „Не може да се дозволи регионот да влезе во нова спирала на насилство“, се вели во изјавата на министерството. Деветнаесет Палестинци, вклучително и цивили, се убиени од четвртокот, кога Израел започна серија воздушни напади. (Заман, Тркиш прес, Хуријет - 11/04/11)