28/01/2011
САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Високиот претставник Валентин Инцко во четвртокот (27-ми јануари) рече дека политичарите треба да ги забрзаат разговорите за формирање нова влада по општите избори во октомври 2010 година, опишувајќи го сегашното темпо како неприфатливо бавно. „Политичарите добија мандати за управување. Тие губат време играјќи игри на моќ, наместо да почнат со решавање на прашањата кои стануваат сè понеодложни секој ден -- борбата против криминалот и корупцијата, економското заздравување и враќањето на реформската агенда за интеграцијата во ЕУ и НАТО“, рече Инцко за време на состанокот со заменик-претседателот на Претставничкиот дом на БиХ, Аднан Басиќ, во Сараево.
За време на самостојната посета во средата, шведскиот министер за надворешни работи, Карл Билт, рече дека ОХР -- како институција -- треба да се трансформира во Канцеларија на претставникот на ЕУ. Билт истакна дека одговорноста за реформите од евроатланската интеграција лежи целосно во рацете на политичарите на БиХ. Вратите на ЕУ остануваат отворени, додаде тој, но водачите на БиХ се тие што треба да ја претворат кандидатурата во реалност. (Веб-страница на ОХР, Радио Слободна Европа - 27/01/11; АП, Независне новине - 26/01/11)