07/09/2010
AТИНА, Грција -- Премиерот Јоргос Папандреу рано во вторникот (7-ми септември) ја објави сеопфатната реконструкција на владата, во обид за забрзување на економското заздравување и во рок од неколку часа, министрите положија свечена заклетва. Новата проширена влада има 48 членови, вклучително и 17 министри, во споредба со 36-те членови во претходната влада. Потегот беше најавен истиот ден кога министрите за финансии на ЕУ треба да ја одобрат следната транша од пакетот помош на ЕУ/ММФ од 110 милијарди евра за Грција. Истиот доаѓа два месеци пред локалните избори на 7-ми ноември, кои се сметаат за клучен тест на владата предводена од ПАСОК една година откако истата дојде на власт.
Клучната позиција на министер за финансии останува во рацете на Јоргос Папаконстантину. Поранешниот министер за економија, Лука Кацели, го презеде Министерството за труд, додека министерот за труд Андреас Ловердос доаѓа на челната позиција во Министерството за здравството. Поранешниот министер за здравство, Марилица Ксенојанакопулу, стана заменик-министер за надворешни работи. Министерката за земјоделство, Катерина Бацели, е заменета од Костас Скандалидис. Министерот на полицијата, Михалис Хрисочоидис, го доби Министерството за економија. Заменик-министерот за надворешни работи, Димитрис Друцас, стана министер за надворешни работи, позиција што претходно ја држеше Папандреу. Министерството за поморски прашања, острови и рибарство повторно е отворено, и ќе биде предводено од Јанис Диамантидис. Новата влада ќе го одржи својот прв состанок подоцна оваа недела. (Катимерини, ББС, АФП , АНА-МПА, Ројтерс, Блумберг, РИА-Новости - 07/09/10)