02/09/2010
ТИРАНА, Албанија -- Обвинувања за корупција се разменуваат помеѓу владата и опозицијата. Во средата (1-ви септември), претставници на опозициската Социјалистичка партија (СП) повторно ги обвинија владините претставници за корупција и профитирање од државните договори. После тоа, пратениците од владејачката Демократска партија (ДП) го обвинија лидерот на СП и градоначалникот на Тирана, Еди Рама, за корупција и мито. Најновите вести ги пренесуваат обвинувањата кои доаѓаат од двата табора. Членовите на СП тврдат дека 240 концесии доделени за изградба на хидро-централи во земјата во текот на изминатите пет години се дел од приватни зделки кои ги полнат џебовите на владините функционери и нивни роднини.
Меѓу обвинетите лица се министерот за економија, Дритан Прифти, министерот за интеграции Мајлинда Брегу и пратеникот Албана Вокши. Реагирајќи на нападите, претставниците на ДП го обвинија Рама за земање мито до 20 отсто од вредноста на новиот станбен блок во замена за градежни дозволи. Обвинителите сега сакаат некои од споменатите бизнисмени да дадат официјални изјави во врска со обвинувањата. Министерот за економија, Прифти вели дека ваквите обвинувања ги „бркаат“ инвеститорите и банките. (BBC, Telegrafi, Lajmifundit, Top News - 01/09/10)