30/07/2010
ЊУЈОРК, САД -- Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, и српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, се состанаа во четвртокот (29-ти јули) во Њујорк, на разговори околу резолуцијата поднесена до Генералното собрание на ОН од страна на Србија. Истата беше одговор на минатогодишното мислење на Меѓународниот суд на правдата (МСП), во кое се заклучува дека косовската декларација за независност во февруари 2008 година не го прекрши меѓународното право. Јеремиќ го информираше Бан за позицијата на Белград, кој бара компромис, наместо отцепување преку „еднострани потези“. Белград сака ОН да помогне во организирањето на разговорите со Косово. Бан вети поддршка од ОН во координирањето на идните чекори со ЕУ, која се понуди да го олесни дијалогот меѓу Србија и Косово.
Во меѓувреме, медиумите во Приштина во петокот објавија дека ЕУ се очекува да поднесе резолуција за Косово до Советот за безбедност на ОН. Весникот Експрес вели дека предлог-резолуцијата е доставена до сите членки на ЕУ, како и до американската влада. Иако Србија, наводно, сака да дискутира за сите преостанати прашања, документот на ЕУ, наводно, го охрабрува дијалогот за економските прашања, регионалната соработка и демократскиот развој, без какво било упатување на статусот на Косово. (Eкспрес, Лајм, Косова Сот - 30/07/10; Прес-центар на ОН, Радио Слободна Европа, Танјуг, Б92, РТС - 29/07/10)