21/03/2010
ЉУБЉАНА, Словенија -- Самитот на водачите од Западен Балкан во близина на Љубљана заврши во саботата (20-ти март) со усвојување заедничка изјава за посветеноста на нивните земји на европската перспектива. Сенка на форумот фрли отсуството на српскиот претседател Борис Тадиќ, кој го бојкотираше бидејќи Косово не беше претставено во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Претседателот на ЕУ Херман ван Ромпуј беше, исто така, отсутен. Учесниците изразија посветеност на континуираното спроведување на реформите потребни за интеграцијата во ЕУ, како и на зајакнувањето на регионалната соработка. Тие ја повикаа ЕУ да продолжи со процесот на проширување, како свој главен приоритет, и да продолжи со поддршката за механизмите на регионалната соработка. На форумот присуствуваа премиерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и Словенија, како и комесарот за проширување на ЕУ, Стефан Фуеле.
Косовскиот премиер Хашим Тачи на маргините од форумот рече дека Приштина останува посветена на добрососедските односи и е подготвена да соработува со Србија. Тој истакна дека Косово има намера да продолжи да учествува на сите меѓународни и регионални состаноци како независна држава. (Бета, Танјуг, Б92, РТС, Блиц - 20/03/10)