19/03/2010
ПОДГОРИЦА, Црна Гора -- Турнејата на комесарот за проширување на ЕУ, Стефан Филе, низ Западен Балкан вклучуваше посети во четвртокот (18-ти март) на Подгорица и Сараево, каде што тој разговараше за потребата од реформи со цел унапредување на процесот на интеграција на ЕУ. По состанокот со премиерот Мило Ѓукановиќ, Филе ги повика властите да продолжат со борбата против корупцијата и организираниот криминал. Ѓукановиќ рече дека Црна Гора се надева на кандидатски статус до крајот на годинава.
Во Сараево, Филе рече дека очекува Европската комисија (ЕК) да одлучи до средината на април дали ќе препорача укинување на визниот режим за босанските граѓани. Филе ја пофали земјата за нејзиниот напредок во исполнувањето на критериумите од патоказот за визната либерализација со ЕУ.
Филе во петок се очекува во Косово и Албанија. Тој беше цитиран во тиранскиот дневен весник Шкип, дека ЕК започнала подготовки за мислењето во врска со апликацијата на Албанија за кандидатски статус во ЕУ. Тој изјави за приштинскиот весник „Коха Диторе“ дека постои консензус во ЕУ за иднината на Косово во блокот, додавајќи дека Унијата ги следи институциите за да види дали се борат против корупцијата, организираниот криминал и другите прашања споменати во извештајот за напредокот на ЕК во 2009 година. (Шкип, Топ ченал, Топ њус, Коха Диторе, Телеграфи, РТК - 19/03/10; Б92, Танјуг, РТЦГ, Портал Аналитика, Кафемонтенегро, РТРС, Дневни аваз, Срна, Фена - 18/03/10)