18/03/2010
ПРИШТИНА, Косово -- Србите во Косово во средата (17-ти март) ја одбележаа шестата годишнина од немирите во кои загинаа десетици луѓе, а илјадници беа протерани од нивните домови. Во Фуше Косова/Косово Поље, владиката Атанасије ги повика православните верници да се борат за Косово со достоинство. Србите во северна Митровица, исто така, го одбележаа настанот. Служби се одржаа и во црквите низ цела Србија. Во Белград српскиот патријарх Иринеј потврди дека Србија никогаш нема да се откаже од Косово. Во март 2004 година, тензиите меѓу етничките Албанци и Срби се разгореа откако српски тинејџер беше ранет во престрелка од автомобил во движење, во селото Чаглавица, во близина на Приштина. Потоа избија судири во Митровица поради веста дека три албански деца се удавиле откако, наводно, биле принудени од Срби да скокнат во реката Ибар. (Клан Косова, ТВ 21, РТК, Б92 - 17/03/10)