17/03/2010
БРИСЕЛ, Белгија/БУДИМПЕШТА, Унгарија/АТИНА, Грција -- Министрите за финансии на ЕУ не сметаат дека е дојден моментот да се обезбеди финансиска помош за Грција, рече во вторникот (17-ти март) шпанската министерка за финансии, Елена Салгадо, чија земја претседава со ЕУ, по состанокот на министрите во Брисел. Таа додаде дека тие се согласиле околу механизмите со кои ќе й се помогне на Грција на краткорочен план, ако таа помош биде потребна. Според извори на Брисел, главниот спор во ЕУ во моментов е кога ќе дојде моментот да й се дадат пари на Грција. Самата грчка влада во многу прилики досега повтори дека не сака пари, туку поддршка за своите мерки на штедење. Комесарот за економски и монетарни прашања на ЕУ, Оли Рен, во вторникот рече дека Грција треба да го предаде својот среднорочен план за буџетските перспективи за периодот до 2012 година до средината на мај. Тој додаде дека Европската комисија ќе расправа в среда за распоредот за воведување на антикризните мерки во Грција во 2010 година.
Исто така, полицијата се судри со демонстрантите во центарот на Атина доцна во вторникот, за време на митингот на државните службеници. Полицијата мораше да употреби зашеметувачка граната за да ги растера демонстрантите, кои фрлаа камења на нив во близина на зградата на парламентот. На демонстрациите присуствуваа околу 2.000 луѓе. Сличен митинг се одржа и во Солун. Нема извештаи за инциденти таму. (Канадиан прес, ИТАР-ТАСС, АП, Ројтерс - 16/03/10)