16/03/2010
НИКОЗИЈА, Кипар -- Претставникот на ОН за Кипар, Александар Даунер, во понеделникот (15-ти март) ги отфрли медиумските шпекулации за престојна меѓународна конференција за Кипар. Според овие извештаи, на состанокот ќе се дискутира околу Спогодбата за гаранција од 1960 година, која го регулира статусот на независен Кипар и ги именува Велика Британија, Грција и Турција за гаранти на независноста, територијалниот интегритет и безбедноста на островот. Претставници на заедниците на кипарските Грци и кипарските Турци на островот, наводно, планираат да присуствуваат на состанокот. Даунер рече дека тој никогаш не упатил такви покани и истакна дека безбедноста и гаранциските прашања ќе бидат решени во директните разговори меѓу водачите на заедниците на кипарските Грци и кипарските Турци. Кипарскиот претседател Деметрис Христофиас и водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат, ќе одржат нов круг од нивните директни, тековни разговори во вторник. (Икипрос - 16/03/10; Филелефтерос, прес-центра на ОН - 15/03/10)