25/11/2009
ЉУБЉАНА, Словенија -- Претседателот Данило Турк во вторникот (24-ти ноември) рече дека холандската влада не е единствената која се противи на ратификацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) на Србија со ЕУ. Според Турк, многу членки на ЕУ го делат ова мислење. Тој рече дека можното замрзнување на привремениот трговски договор кој е дел од ССА е далеку од сигурно и ќе биде решено дури откако главниот обвинител на Трибуналот на ОН, Серж Брамерц, ќе ја претстави својата оценка за соработката на Србија. Советот за безбедност на ОН ќе го разгледа извештајот на Брамерц на 3-ти декември. ЕУ ќе расправа за можното одмрзнување на ССА или привремениот трговски договор на својот самит во средината на декември. (Б92, Данас - 24/11/09)