24/11/2009
БЕЛГРАД, Србија -- Претставниците на Европската комисија (ЕК) и Европскиот парламент (ЕП) во понеделникот (23-ти ноември) им рекоа на српските власти дека треба да се консултираат со ЕК пред да аплицираат за членство во ЕУ. Според известувачот на ЕП за Србија, Јелко Кацин, Белград не треба да брза со поднесување на својата апликација. Директорот на ЕК за Западен Балкан, Пјер Мирел, се согласи, додавајќи дека не би било возможно блокот да расправа за апликацијата на Србија, сé додека е замрзнат нејзиниот привремен договор. Тој вели дека договорот може да биде деблокиран ако главниот обвинител на Трибуналот на ОН за воени злосторства Серж Брамерц даде позитивна оценка за соработката на Белград, во извештајот за напредокот следниот месец. Вицепремиерот Божидар Ѓелиќ потврди дека неговата земја целосно соработува со Трибуналот и изрази очекување привремениот договор да биде спроведен на почетокот од декември. (Бета, Танјуг, Б92, РТС - 23/11/09)