19/11/2009
TИРАНА, Албанија -- Корупцијата останува сериозен проблем во Албанија, изјави во средата (18-ти ноември) шефот на Европската комисија (ЕК) во Тирана, Хелмут Лохан. Тој додаде дека корупцијата влијае на клучните странски инвестиции. Говорејќи на конференцијата за водење бизнис во Албанија, Лохан ги поздрави структурите и програмите за борба против овој феномен, но предупреди дека истиот сé уште претставува сериозен проблем во многу области. Тој го повика парламентот да ги интензивира реформите, и ги повика пратениците да се консултираат со бизнисмените при изготвувањето на предлог-законите кои ги засегаат.
Исто така во средата, локалните медиуми објавија студија на Европската стопанска комора, која покажува дека албанските бизнисмени се незадоволни од фискалната администрација и сметаат дека даночните политики се нејасни и честопати селективни. Во извештајот се споменуваат истите проблеми во Босна и Херцеговина и во Хрватска, додека бизнисмените во Македонија и Црна Гора имаат, генерално, позитивно мислење за своите даночни системи. (Шкип, Газета шкиптаре, Панорама, Шекули - 19/11/09; Toп ченал - 18/11/09)