19/11/2009
НИКОЗИЈА, Кипар -- Претседателот Деметрис Христофиас во средата (18-ти ноември) рече дека Кипар го отфрла предлогот на Анкара за петчлена конференција за повторното обединување на поделениот остров. Христофиас објасни дека предлогот потсетува на процедурата од 2003 година, која резултираше со план на ОН, кој на крајот беше отфрлен од 74 отсто од гласачите на кипарските Грци како едностран. Според локалните медиуми, турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган го предложил одржувањето на конференцијата за време на состанокот со генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун во вторникот. Ердоган предложил претставници на Турција, Грција, Велика Британија, заедниците на кипарските Грци и кипарските Турци да се состанат под надзор на ОН. Христофиас вели дека Турција „се преправа дека бара решенија и дава предлози [додека] во истовреме, турските власти ме обвинуваат лично за попречување на решението“. (Ксинхуа, ИСРИА, МИА - 18/11/09)