17/11/2009
ПРИШТИНА, Косовo -- Европската мрежа на изборни набљудувачки организации (ЕНЕМО) во понеделникот (16-ти ноември) објави дека локалните избори во неделата генерално ги исполнија меѓународните стандарди, со ретки исклучоци. Мисијата, која распореди повеќе од 100 набљудувачи, забележа одредени проблеми, како што е недостатокот на упатства во врска со прифатливите документи за лична идентификација. Според ЕНЕМО, тајноста на гласањето не била запазена во сите случаи, и неовластени лица биле присутни во 7 отсто од избирачките места кои ги посетиле набљудувачите.
Во меѓувреме, претставниците на меѓународните институции го пофалија изборниот процес. Специјалниот претставник на ЕУ Питер Фејт му честиташе на народот на Косово за целокупниот процес на спроведување на изборите и за генерално конструктивната атмосфера која преовладуваше. „Ова му помага на Косово во неговата транзиција кон мултиетничко општество и во неговите напори да му донесе на населението поефикасна управа“, рече Фејт. Американскиот амбасадор во Косово, Кристофер Дел, исто така, го пофали процесот и им честиташе на косовските Срби кои гласаа, и покрај повиците од Белград за бојкот. „Со право заклучивте дека изборите ви пружаат единствена можност да ја обликувате својата иднина и иднината на вашата заедница“, рече Дел. (Зери, Коха Диторе, Лајм, Косова Сот - 17/11/09; Кохавижн, РТК - 16/11/09)