12/11/2009
НИКОЗИЈА, Кипар -- Кипарските Турци и кипарските Грци реагираа внимателно во средата (11-ти ноември) на британската понуда за предавање на половина од нејзината територија на Кипар, како поттик за повторно обединување на поделениот остров. Канцеларијата на ОН во Никозија објави дека Лондон е подготвен да се откаже од околу 117 квадратни километри земја ако бидат исполнети два услови -- водачите на турската и грчката заедница да изготват план за повторно обединување на островот преку преговори, а потоа да обезбедат поддршка од мнозинството луѓе што живеат на север и на југ, со официјална ратификација на двете страни. „Не разговаравме за ова меѓу себе. Затоа не е возможно да се направи широка проценка“, рече водачот на кипарските Турци Мехмет Али Талат. Кипарскиот министер за надворешни работи, Маркос Кипријану, рече дека „она што Велика Британија може да го направи за конкретно да помогне во овој процес е да влијае и да ја охрабри Турција да биде попресретлива“.
Исто така во средата, Кипријану рече дека блокирањето на кандидатурата на Турција во ЕУ на самитот следниот месец на водачите на ЕУ, нема да биде во интерес на Кипар. „Природно, ова не значи дека истото ќе се случи безусловно и со одврзани раце. Ова е тенката линија која ние имаме намера да ја постигнеме во декември“, рече Кипријану за време на еднодневната посета на Атина. (Ројтерс, АП, АФП - 11/11/09)