11/11/2009
БРИСЕЛ, Белгија -- Тензиите меѓу албанската влада и опозициската Социјалистичка партија (СП) во вторникот (10-ти ноември) стигнаа и до Брисел, каде што делегација од Тирана извести за некои проблеми во врска со процесот на визната либерализација на Албанија и интеграцијата во ЕУ. Министерот за надворешни работи, Илир Мета, ги претстави реформите што ги презема владата и подготовките за комплетирање на прашалникот во врска со процесот на пристапување на земјата во ЕУ. „Албанија ќе ги исполни своите обврски во врска со визната либерализација со ЕУ и ќе ја зајакне соработката со Европскиот парламент“, рече Мета по состанокот со Николаос Хунтис, известувач за Албанија.
Мета додаде дека владата ќе ги исполни сите барања на опозицијата, сé додека тоа не значи мешање во одлуките на судот или судската независност. Ова, всушност, значи отфрлање на барањето на СП за отворање на спорните гласачки кутии од општите избори во јуни. Секретарот за надворешни работи на СП, Арта Даде, кој, исто така, беше во Брисел, тврди дека не постои закон против проверката на изборните резултати. Пратениците на СП со недели ги бојкотираат седниците на парламентот, барајќи темелна истрага за изборите.
Исто така во вторникот, министерот за внатрешни работи, Љуљзим Баша, побара од полицијата да ги интензивира напорите за исполнување на критериумите за визната либерализација што ги определи ЕУ. За време на состанокот со високи државни полициски официјални претставници, тој го најави континуитетот на реформите со цел подобри резултати во борбата против организираниот криминал, корупцијата и финансискиот криминал. (НОА, Шекули, ББС, Топ ченал, Телеграфи, Клан, Алсат - 10/11/09)