30/08/2009
AНКАРА, Турција -- Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фо Расмузен, во петокот (28-ми август) ја повика Турција да го зголеми својот придонес во мисиите во Авганистан. За време на посетата на Анкара, Расмузен, исто така, истакна дека недостатокот на безбедносен пакт меѓу НАТО и ЕУ претставува сериозна закана за воените сили на двете организации во Авганистан и резултира во „апсурдни“ последици. „Мораме да најдеме прагматично решение на овој проблем“, изјави Расмузен на заедничката прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу. Турција го блокира зајакнувањето на безбедносната соработка помеѓу НАТО и ЕУ поради долготрајните проблеми на Грција и Кипар, кои ги попречија интегративните напори на Турција за ЕУ. Расмузен, исто така, ја повика Турција да ја зајакне својата поддршка за стабилизацијата на Авганистан, особено во поглед на мисиите за обука. „Многу го ценам сегашниот придонес на Турција ... Сепак, како генерален секретар, одам во посети на земјите за да ги охрабрам сојузниците да се ангажираат уште повеќе, бидејќи тоа ни е потребно“, рече Расмузен. (Хуријет, АФП, Дојче веле, ДПА, АП, Ројтерс - 28/08/09)