13/07/2009
НИКОЗИЈА, Кипар -- Заедниците на кипарските Грци и кипарските Турци ќе треба да го одобрат договорот за повторно обединување, на паралелен одделен референдум, информираше во неделата портпаролот на владата Стефанос Стефану. „Ќе одлучи народот на Кипар“, рече тој. Опишувајќи го сегашниот период како клучен во разговорите за повторно обединување, тој рече дека бизоналната федерација на две заедници е единствениот начин да „се обнови тероторијалниот интегритет, суверенитет и слобода“ во Кипар.
Во петокот, кипарскиот претседател Деметрис Христофиас предупреди дека продолжување на сегашната ситуација во Кипар „вклучува големи ризици“. Во коментарите цитирани во локалните медиуми, тој вели дека тековниот процес на повторно обединување ќе продолжи, бидејќи „нема друг начин за постигнување решение“.
Во другите вести, водачот на кипарските Турци Мехмет Али Талат во понеделникот допатува во Анкара, во дводневна работна посета. Тој ќе разговара околу процесот на повторно обединување со турскиот претседател Абдула Ѓул, премиерот Реџеп Тајип Ердоган, министерот за надворешни работи, Ахмет Давутоглу, и началникот на Генералштабот, Илкер Басбуг. (Фамагуста газете, Филелефтерос - 13/07/09; КНА, новинска агенција Анадолу, Заман - 12/07/09; КНА, Фамагуста газете, СННТурк - 10/07/09)