30/06/2009
НИКОЗИЈА, Кипар -- Вашингтон се надева дека двете кипарски заедници ќе направат „историски чекор“ оваа година за ставање крај на поделеноста на островот, рече во понеделникот (29-ти јуни) американскиот заменик помошник државен секретар Метју Бриза, за време на посетата на Никозија. „Би сакале да погледнеме напред и очекуваме дека ќе има договор до крајот на годинава“, изјави тој за новинарите по состанокот со советникот на претседателот Деметрис Христофиас, Георге Јакову. Бриза потврди дека Вашингтон нема некоја особена улога во процесот на повторно обединување и не предвидува дека ќе има, освен ако кипарската заедница не побара помош. Подоцна истиот ден, тој се состана со водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат, и премиерот Дервиш Ероглу.
Во другите вести од понеделникот, Христофиас го назначи Михалакис Папагеоргиу за нов началник на кипарската полиција. Моментно заменик-началник, тој доаѓа на местото на Јаковос Папакостас. Тој поднесе оставка на 18-ти јуни по истрагата за минатогодишното бегство на озлогласениот криминалец Антонис Китас. Китас, кој доби доживотна казна затвор за силувањето и убиството на две странски државјанки во 1994 година, побегна од приватна болница во Никозија во декември и беше фатен еден месец подоцна. (КНА, АФП, АП, Хуријет, новинска агенција Анадолу, Хабер Турк, Фамагуста газете, Фајненшал мирор, иКипрос - 29/06/09)