19/06/2009
БУКУРЕШТ, Романија -- Букурешкиот народен трибунал во четвртокот (18-ти јуни) одлучи дека новоизбраниот член на Европскиот парламент (ЕП) Георге Бечали -- обвинет за киднапирање тројца мажи кои го украле неговиот автомобил -- не може да ја напушти земјата. Одлуката ќе го спречи Бечали да ги преземе должностите во ЕП. Бизнисменот, кој го поседува фудбалскиот тим Стеауа Букурешт, беше кандидат на националистичката партија Поголема Романија.
Во другите вести, поранешниот претседател Јон Илиеску во четвртокот беше ослободен од обвиненијата во врска со кривичната истрага за настаните од јуни 1990-та година, кога граѓанските протести беа угушени со помош на група рудари. Илиеску беше обвинет за пропагирање војна, геноцид, нечовечки третман и соучество во тортура. Тој беше претседател од 1990-та до 1996 година и повторно од 2000 до 2004 година. (Котидианул, Реалитатеа - 19/06/09; Hotnews.ro, Медиафакс - 18/06/09)