03/06/2009
СТОКХОЛМ, Шведска -- Министерот за надворешни работи, Карл Билд, во вторникот (2-ри јуни) рече дека не може да му помогне на поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ да докаже оти имал договор за имунитет со западните дипломати. Билд „нема релевантни информации за каков било наводен договор за имунитет“, соопшти Министерството за правда во писмото до Хашкиот трибунал за воени злосторства. „Дури и да постоел некој ваков договор, истиот не може да го надмине мандатот на Трибуналот и да го прекине судењето против Караџиќ“, се додава во документот. Минатата недела Караџиќ побара од Трибуналот на ОН да изврши притисок врз Шведска и САД за обезбедување докази во врска со неговиот наводен договор за имунитет. Тој вели дека истиот го постигнал во јули 1996 година со поранешниот американски претставник Ричард Холбрук, кој наводно му понудил заштита од судско гонење, ако Караџиќ го напушти јавниот живот. Холбрук негира дека бил направен каков било договор. (AФП, Бета - 02/06/09)