06/04/2009
ПРАГА, Чешка -- За време на самитот на ЕУ во неделата (5-ти април), италијанскиот министер за надворешни работи, Франко Фратини, предложи план од осум точки за забрзување на интеграцијата во НАТО и во ЕУ на Западен Балкан. Планот предвидува визна либерализација како еден од приоритетите за Србија и Македонија. Европската комисија (ЕК) треба да подготви извештај за ова прашање до крајот на мај, при што заклучоците ќе стапат на сила до крајот на годинава.
Италија, исто така, повикува на напредок во спорот околу името помеѓу Грција и Македонија, кој ќе ги одблокира преговорите за членство на Скопје со ЕУ и ќе му овозможи да влезе во НАТО. Документот предлага ЕК да започне со изготвување технички извештаи за апликациите за членство во ЕУ на Црна Гора, Албанија и Србија.
Италија сака Хрватска да ги заврши своите разговори со ЕУ до 2010 година, во согласност со нејзиниот патоказ за ЕУ. Што се однесува до Босна и Херцеговина, Рим се залага за поголеми надлежности на високиот претставник на ЕУ до крајот на јули. Планот, исто така, предвидува спроведување -- до крајот на јуни -- на привремениот договор помеѓу ЕУ и Србија, повикувајќи го Белград целосно да соработува со Хашкиот трибунал за воени злосторства. Во врска со Косово, Италија ја истакнува важноста на економската поддршка за младата држава. Последната точка од планот предвидува одржување самит ЕУ-Западен Балкан во првата половина на 2010 година. (Алфа ТВ, МИА - 05/04/09)