29/03/2009
AНКАРА, Турција -- Шест лица, меѓу кои и водачот на партијата Голема унија (ББГ) Мухсин Јазичоглу, загинаа во хеликоптерска несреќа во јужната провинција Кахраманмарас, објави во петокот (27-ми март) министерот за внатрешни работи, Бесир Аталај. Хеликоптерот на Јазичоглу се урна во средата поради лошото време. На пребарувачите им требаа два дена за да ги најдат остатоците од хеликоптерот и сите шест загинати лица, иако еден од нив успеал да се јави преку мобилен телефон веднаш по несреќата. Голем број политички партии ги прекинаа своите предизборни митинзи во знак на солидарност.
Во другите вести, околу 48,6 милиони турски гласачи ќе гласаат на локалните избори во земјата во недела (29-ти март). Претставници на вкупно 19 политички партии се натпреваруваат за градоначалничките и општинските советнички места во 81 провинција во државата. Според анкетите на јавното мислење, владејачката Партија на правдата и развојот се очекува да ја потврди својата владејачка позиција во однос на најголемата опозициска партија, Републиканската народна партија. Прокурдската Партија за демократско општество се очекува да избие како најголема опозициска партија во претежно курдските југоисточни провинции. (Радикал, Милијет - 29/03/09; Сабах, Јени Сафак, Радикал, Ватан, Чумхуријет, Ксинхуа, Хуријет, новинска агенција Анадолу, АФП, АП - 28/03/09; Хуријет, АФП, Заман, АП, СНН - 27/03/09)