02/12/2008
БЕРЛИН, Германија -- Заменик владиниот портпарол Томас Стег во понеделникот (1-ви декември) ги негираше извештаите дека Германија е можно да ја укине својата финансиска помош за Косово. Берлин, наводно, го разгледувал овој потег откако косовската полиција уапси тројца агенти на германската Федерална разузнавачка агенција во Косово минатиот месец и ги држеше во притвор две недели во врска со нападот на Меѓународната цивилна канцеларија во Приштина. Тројцата тврдеа дека се невини. Полицијата на крајот ги ослободи поради недостиг на докази. Иако Стег негираше дека ќе следи укинување на помошта, тој потврди дека Берлин има намера да провери како Косово ги користи германските пари што моментно ги добива. Берлин ќе ги искористи наодите за да ги одреди понатамошните придонеси, рече Стег. Германија е втор по големина донатор на Косово.
Во другите вести од понеделникот, полицијата уапси девет чувари во затворот Дубрава и властите суспендираа 18 други во врска со безобѕирното бегство на еден затвореник. Бедри Красниќи доби 27-годишна затворска казна за убиствата од 2002 година на двајца полицајци. Властите велат дека тој избегал низ главната порта во неделата, откако ручал со роднините. Неговото бегство не било пријавено десет часа.
Исто така во понеделникот, судската комисија во општината Пеќ осуди 21 лице, вклучително и затвореници, во врска со групното бегство од најголемиот затвор во Косово. Истото се случи во август 2007 година; седуммина затвореници успеаја да побегнат. Двајца сé уште се на слобода, но властите ги убија другите двајца во Македонија. (Дојче Веле, ДПА, Коха Диторе, Експрес, Лајм, Зери - 02/12/08)