01/12/2008
ПРИШТИНА, Косово -- Целта на мисијата на ЕУ во Косово, ЕУЛЕКС, е повторна интеграција на северниот дел, со претежно српско население, со остатокот од земјата и спречување на каква било поделба, рече во неделата (30-ти ноември) шефот на Меѓународната цивилна канцеларија (МЦК) во Косово, Питер Фејт. „Реалноста на терен е променета, и таа реалност е горка, но сепак мораме да се справиме со неа“, рече Фејт во интервју за државната радиотелевизија РТК. Тој додаде дека никој не очекува ЕУ да ја промени ситуацијата преку ноќ и дека долгорочната цел на МЦК е воспоставување на мултиетничка и безбедна средина. ЕУЛЕКС ќе отвори мала канцеларија во Белград, која ќе се занимава со технички, но не и со политички прашања, како што објавија медиумите во понеделникот. Европските претставници, наводно, рекле дека оваа техничка канцеларија ќе овозможи меѓународна полициска соработка во поглед на борбата против организираниот криминал и другите криминални активности во регионот. (Коха Диторе, Зери, Експрес, Косова Сот - 01/12/08)