23/10/2008
АТИНА, Грција -- Пратениците во четвртокот (23-ти октомври) едногласно го одобрија предлогот за формирање комисија која ќе го испитува договорот за недвижен имот помеѓу државата и Манастирот Ватопеди. Сите пет партии во парламентот го поддржаа овој чекор. Водачот на најголемата опозициска партија ПАСОК, Јоргос Папандеру, обвини дека владејачката партија Нова демократија се обидува да го прикрие случајот откако двајцата обвинители кои го испитуваа договорот поднесоа оставка. Обвинителите Илиас Колиусис и Елени Сотиропулу рекоа дека пронашле доказ кој го поврзува случајот со двајца заменици-министри, но дека нивниот претпоставен го блокирал нивниот обид да ја префрлат истрагата во парламентот. Според прелиминарните сознанија, договорите резултирале со најмалку 100 милиони евра загуби за државата. Министерот за поморска трговија Јоргос Вулгаракис во септември поднесе оставка поради неговата наводна вмешаност. (AНА-МПА, АП, Катимерини, ЕРТ, СКАИ, In.news, Нафтемборики - 23/10/08)