02/10/2008
СТРАЗБУР, Франција -- Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПАЦЕ) во средата (1-ви октомври) го одобри извештајот и резолуцијата за истиот, во кои се повикуваат кипарските Грци да ги повлечат спротивставувањата за слободната и директна трговија помеѓу кипарските Турци и ЕУ преку пристаништата на северниот дел од островот. Резолуцијата, исто така, ги повикува кипарските Грци да ги прифатат зголемените меѓународни контакти на кипарските Турци во областите на културата, образованието, спортот и младинската размена, доколку овие контакти не служат за политички цели или не се во согласност со напорите за повторно обединување на островот.
Исто така во средата, водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат, рече дека Советот на Европа може да стори повеќе за да помогне да се стави крај на економската и политичката изолација на островот. Советот треба да изврши притисок врз кипарскиот претседател Деметрис Христофиас „да ги укине сите ограничувања“ за кипарските Турци, истакна Талат во своето обраќање пред ПАЦЕ. Тој рече дека проблемот се должи на тоа што водачите на кипарските Грци не ги гледаат своите турски колеги како еднакви на себе. „Сакаме да воспоставиме нова партнерска држава во Кипар [...] составена од две држави со еднаков статус“, истакна тој. Еден од најсериозните аспекти на изолацијата на кипарските Турци е нивната неспособност да ги изразат своите политички ставови на меѓународната сцена, додаде Талат.
Тој рече дека друг сериозен проблем произлегува од неспремноста на кипарските Грци да го делат суверенитетот. Кипарските Турци сакаат решението за повторното обединување да се заснова на моделот на две заедници и политичка еднаквост со две еднакви држави, истакна тој. Талат, исто така, ги повика пратениците на ПАЦЕ да издадат резолуција која ќе вклучува поддршка за турскиот план да се дозволи отворање на пристаништата во северниот дел од островот, кој е под контрола на кипарските Турци. (новинска агенција Анадолу, Хуријет, Милијет, АП - 01/10/08)