24/07/2008
БЕЛГРАД, Србија -- Шефот на УНМИК, Ламберто Заниер, и претставници на српската влада се согласија во средата (23-ти јули) да отпочнат разговори за реструктуирањето на УНМИК. На состанокот со српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, и министерот за Косово, Горан Богдановиќ, Заниер потврди дека УНМИК ќе продолжи да работи неутрално и во целосна согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Тој, исто така, истакна дека најважна цел е одржување на мирот и стабилноста во регионот.
Јеремиќ и Богдановиќ го потврдија ставот на Србија дека секое евентуално реструктуирање мора да биде потврдено од Советот за безбедност на ОН, барајќи почитување на правата на српското малцинство во Косово и зачувување на српскиот територијален интегритет и суверенитет. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, работи на пренесување на поголем дел од надлежностите на УНМИК на ЕУЛЕКС, новата мисијата предводена од ЕУ во Косово. Како дел од тие напори, УНМИК во средата објави дека ќе прекине со издавањето патни документи за косовските граѓани, сега кога новата влада ги објави плановите да започне со издавање пасоши следниот месец. (Коха Диторе, Зери, Лајм, РТС, Балканвеб, РИА Новости, Блиц - 24/07/08; РТК, Кохавижн, Телеграфи - 23/07/08)