24/07/2008
БЕЛГРАД, Србија -- Претседателот Борис Тадиќ во четвртокот (24-ти јули) изјави дека апсењето на поранешниот водач на босанските Срби Радован Караџиќ било во согласност со српските закони и меѓународните регулативи за човекови права. „Лоцирањето и апсењето ... е резултат на решеноста на новата влада да го изведе пред лицето на правдата секој поединец кој вршел злосторства на територијата на поранешна Југославија“, се вели во соопштението од неговиот кабинет, прво по апсењето на Караџиќ во понеделникот. Тадиќ додава дека Хашкиот трибунал за воени злосторства треба да им суди на обвинетите без предрасуди и без оглед на „нивното име, презиме, национална и верска припадност“.
Во меѓувреме, ултранационалистичките протести поради апсењето на Караџиќ продолжија во Белград и во средата. Стотици луѓе се собраа во центарот на главниот град, извикувајќи го неговото име и слогани против новата проевропска влада. На протестите имаше силно полициско присуство. Демонстрантите фрлаа камења на полицијата, која не одговори. Српската радикална партија секојдневно повикува на мирни протести.
Во меѓувреме, „Дејли телеграф“ објави дека до апсење на Караџиќ довеле информациите што ги дал поранешниот армиски командант на босанските Срби и, исто така, обвинет за воени злосторства, Ратко Младиќ . Британскиот весник вели дека Младиќ го предал Караџиќ пред неколку месеци за да се спаси себеси. Извори очекуваат негово апсење во текот на следните две недели и велат дека тој ќе бара судење во Србија, наместо во Хаг. (Tанјуг, РИА Новости, Б92 - 24/07/08; Блиц, Танјуг, Бета, Дејли телеграф, АП, МИА, АФП, РТРС, СРНА, РИА Новости - 23/07/08)