УНМИК ги игнорира резултатите од српските избори во Косово

15/05/2008

ПРИШТИНА, Косово -- УНМИК одбива да ги признае победниците на локалните српски избори што се одржаа во Косово минатиот викенд, инсистирајќи на тоа дека резултатите се нелегални. „Никој од избраните во овие избори не може да биде партнер на УНМИК“, рече портпаролот на УНМИК, Александар Иванко, во средата (14-ти мај). „Ние ќе разговараме само со претставниците назначени од страна на шефот на УНМИК Јоаким Рикер во петте општини со српско мнозинство“, додаде тој. Потврдувајќи дека напорите на Србија ги кршат меѓународните обврски, тој рече дека УНМИК сака да воспостави добри односи со властите во Белград.

Во другите вести, косовскиот министер за надворешни работи, Скендер Хисени, ја продолжи својата турнеја низ Централна Америка, барајќи признавање на новата државност на Косово. Во средата Хисени беше во Панама, при што се состана со амбасадорите и дипломатите што ги претставуваат Белизе, Гватемала, Никарагва и Коста Рика. Тој ги информираше за случувањата во Косово откако Приштина прогласи независност на 17-ти февруари, истакнувајќи ги активностите за заштита на малцинствата. (РТК, ББС, Телеграфи, КТВ - 14/05/08; Коха Диторе, Зери - 13/05/08)