Турската најголема опозициска партија бара гласање за недоверба на владата

08/05/2008

AНКАРА, Турција -- Најголемата опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) во средата (7-ми мај) поднесе барање за гласање недоверба на премиерот Реџеп Тајип Ердоган, за наводно охрабрување на политиката на употреба прекумерна сила против демонстрантите по повод Денот на трудот во Истанбул минатата недела. Според ЦХП, Ердоган, водач на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), ја разгорел ситуацијата забранувајќи им на учесниците на митингот да влезат на главниот плоштад во Истанбул, Таксим, за да го одбележат денот. Повеќе од 500 луѓе беа уапсени по интервенцијата на полицијата. Иницијативата за недоверба буквално нема никакви шанси бидејќи АКП на Ердоган има 340 места од вкупно 550 места во парламентот.

Во другите вести, претседателот Абдула Ѓул доцна во средата ги потпиша реформите на контроверзниот член од Кривичниот закон, кој нашироко беше критикуван дека ја попречува слободата на говорот. Според изменетиот член 301, навредата на турската нација, држава, парламент, законодавството, владата, војската или полицијата ќе биде казнето со двегодишна затворска казна, што е намалување од претходните три години, а пресудата може да биде автоматски одложена или претворена во парична казна. Критикувањето повеќе не се квалификува како кривично дело. Измените, исто така, предвидуваат дека министерот за правда мора да го одобри отпочнувањето на секој случај според овој член. (Хуријет, АФП, новинска агенција Анадолу - 08/05/08; AФП, Хуријет, Гласот на Америка - 07/05/08)