Ѓелиќ предвидува дека Србија ќе влезе во ЕУ за четири години

01/05/2008

БЕЛГРАД, Србија -- Вицепремиерот Божидар Ѓелиќ предвиде дека по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) со ЕУ, Србија ќе влезе во блокот за четири години. На прес-конференцијата во средата (30-ти април) тој го опиша потпишувањето во вторникот како „врвен чин на патриотизам“ од негова страна и од страна на претседателот Борис Тадиќ, кој присуствуваше на церемонијата во Луксембург. Тој рече дека изборите во Србија на 11-ти мај се референдум за тоа дали српските граѓани сакаат да влезат во ЕУ и да почнат да го применуваат ДСА или да ја спречат соработката со ЕУ и да видат пад на животниот стандард. Ѓелиќ истакна дека со потпишувањето на ДСА Србија може да очекува добивка во поглед на инвестициите и извозот.

Српскиот министер за инфраструктура, Велимир Илиќ, даде многу поразличен став, предвидувајќи дека ДСА нема да влезе во сила. „ДСА ќе биде валиден кога [обвинетите за воени злосторства] Ратко Младиќ и Радован Караџиќ ќе бидат уапсени, што значи никогаш“, им рече Илиќ на новинарите. Тој додаде дека со потпишувањето на ДСА Тадиќ и Ѓелиќ „ја исмеаја“ земјата.

Во другите вести од средата, српската Изборна комисија ја одобри кандидатската листа за претстојните парламентарни избори. Властите велат дека четирите најголеми партии имаат по 250 кандидати. (Бета, Танјуг, Блиц - 01/05/08; РТС, Б92, Бета, Блиц, Политика - 30/04/08)