28/04/2008
БРИСЕЛ, Белгија -- Потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) помеѓу БиХ и ЕУ не се наоѓа на агендата на дводневниот состанок на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ, кој започна во понеделникот (28-ми април) во Луксембург, вели Анзе Логар, портпарол на словенечкото претседателство на ЕУ. Тој во петокот рече дека одложувањето е чисто техничко и дека е поврзано со преводот на документи. „Не постојат политички бариери за потпишувањето на ДСА помеѓу ЕУ и БиХ“, вели Логар, додавајќи дека церемонијата ќе се случи на 26-ти мај.
Во другите вести, белгиското Министерство за надворешни работи во неделата потврди дека Холандија и Белгија поднеле компромисен предлог до ЕУ во врска со потпишувањето на ДСА со Србија. Повеќето земји-членки на ЕУ веруваат дека Србија треба да го потпише ДСА пред општите избори на 11-ти мај, како гест на поддршка на продемократските сили. Досега Холандија и Белгија инсистираа на тоа Србија најпрво да ги уапси преостанатите бегалци обвинети за воени злосторства. (Ројтерс - 27/04/08; Независне новине, Дневни аваз - 26/04/08; Фенa - 25/04/08)