25/04/2008
AНКАРА, Турција -- Водачот на кипарските Турци Мехмет Али Талат во четвртокот (24-ти април) беше во Анкара, при што се состана со премиерот Реџеп Тајип Ердоган и министерот за надворешни работи, Али Бабаџан. Посетата дојде само неколку дена откако ад хок комисиите на кипарските Турци и кипарските Грци ги продолжија разговорите за повторно обединување на поделениот остров, први вакви разговори во последниве четири години. Талат и турските водачи, наводно, разговарале околу преговарачките стратегии и се согласиле да побараат пошироко учество на ОН во процесот. Талат планира да се состане со претседателот на кипарските Грци, Димитрис Христофиас, во јуни, за да ги разгледаат резултатите на тековната работа на комисијата и официјално да ги започнат разговорите за повторно обединување.
Во другите вести од четвртокот, сирискиот претседател Башар ал-Асад потврди дека Ердоган му пренел порака на мир од Израел. Ердоган „ме информираше за подготвеноста на Израел да се повлече од Галан во замена за мир со Сирија“, рече Асад во интервјуто за катарскиот весник Aл-Ватан. Aнкара посредува помеѓу Израел и Сирија во изминатата година. (Заман - 25/04/08; Фокус, АФП - 24/04/08)