Словенечкиот претседател го кажа својот став во врска со шансите на Србија и Турција за пристап во ЕУ

24/04/2008

СТРАЗБУР, Франција -- Словенечкиот претседател Данило Турк, чија земја моментно го држи ротирачкото претседателство на ЕУ, вели дека Унијата не треба да се трка во потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) со Србија. Во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур во средата (23-ти април) Турк рече дека ЕУ треба да го одобри договорот по општите избори во Србија на 11-ти мај. „Што и да се случи, мора да се заснова на почитувањето на српската подготвеност за справување со ова прашање ... не треба да го гледаме европскиот елемент како решавачки“, додаде тој. Некои во ЕУ вршат притисок за потпишување овој месец, со цел да се зајакнат изгледите за прозападните партии во Србија.

Турк, исто така, сака отворање на повеќе поглавја во преговорите за пристап со Турција. Разговорите остануваат делумно замрзнати поради третманот на Анкара на членката на ЕУ, Кипар. Турк вели дека кредибилитетот на Унијата би можел да биде доведен во прашање ако таа не успее да ги исполни обврските кон кандидатските земји.

Во другите вести од средата, бриселската Меѓународна кризна група (МКГ) ги повика Соединетите Држави и ЕУ да ја сопрат својата јавна поддршка за прозападните партии во Србија. МКГ вели дека поддршката од Запад за независноста на Косово може да ги разгори националистичките чувства во Србија, одземајќи им гласови на продемократските партии. (Ројтерс, АП - 23/04/08)