24/04/2008
СРЕБРЕНИЦА, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Високиот претставник Мирослав Лајчак вели дека е оптимист во врска со изгледите за развој и помирување во Сребреница, каде што во јули 1995 година силите на босанските Срби масакрираа околу 8.000 босански мажи и момчиња. За време на посетата во средата (23-ти април) Лајчак истакна дека само мултиетничка Сребреница има иднина, додавајќи дека меѓународната заедница тесно соработува со босанските политичари за да загарантира фер и транспарентни локални избори во Сребреница оваа есен. Лајчак додаде дека проектите чија цел е да се нормализира животот во Сребреница и истата економски да се развие почнаа да даваат резултати. „Градот кој е симбол на трагичното минато на БиХ сега треба да стане симбол на успешната иднина“, рече Лајчак.
Минатото лето, градскиот совет на Сребреница побара градот да добие специјален статус надвор од јурисдикцијата на Република Српска (РС), неколку месеци откако Меѓународниот суд на правдата донесе пресуда дека силите на босанските Срби извршиле геноцид таму. Властите на РС се спротивставија на иницијативата за специјален статус, нудејќи наместо тоа резолуција со која Сребреница се прогласува за град од посебна важност, и ветија различни пакети помош за да го охрабрат економскиот развој. (Независне новинe - 24/04/08; Фена, РТРС, НТВ Хајат - 23/04/08)