23/04/2008
ХАГ, Холандија -- Апелационата комисија на Трибуналот на ОН за воени злосторства во вторникот (22-ри април) ги замени казните на двајцата поранешни команданти на босанската армија. Судот ја намали казната за Енвер Хаџихасановиќ од пет на три и пол години, а на Амир Кубура од две и пол на две години затвор. Тие беа помеѓу босанските муслимани од највисок ранг кои беа судени во Хаг. Двајцата се соочуваа со обвиненија за злосторства во врска со конфликтот во периодот 1992-1995 година, особено во врска со командната одговорност за злосторствата извршени од страна на странските муџахедински борци. Апелационата комисија пресуди дека муџахедините биле надвор од контролата на Третиот корпус на Хаџихасановиќ на редовната армија на босанските муслимани. Ним им беше признаено времето што го одлежаа и ќе бидат ослободени.
Во другите вести од вторникот, судот за воени злосторства во Босна и Херцеговина (БиХ) осуди четворица босански Срби за воени злосторства. Тие беа прогласени за виновни за убиствата на група цивили, меѓу кои и жени и деца, во западниот град Јајце во септември 1992 година. Двајцата добија казни од 21 година затвор, а третиот до 29 години. Во одделен случај, еден маж обвинет за прогон, убиство, затворање и силување на несрпско население во озлогласениот затвор Кератерм, доби девет години затвор.
Исто така во вторникот, персоналот на ЕУФОР и локалната полиција извршија рација во домот на Горан Маринковиќ во предградието Петричевац на Бања Лука. Маринковиќ, наводно, помага во финансирањето на мрежата што ја користат обвинетите за воени злосторства во бегство за да ја избегнат правдата. (Дневни аваз - 23/04/08; Фена, РТРС, Танјуг, НТВ Хајат, АКИ, АП, Ројтерс - 22/04/08)