Рен предвидува дека Турција ќе пристапи во ЕУ за десет до петнаесет години

22/04/2008

АНКАРА, Турција -- Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, во понеделникот (21-ви април) за германскиот весник Ди Велт изјави дека очекува Турција да пристапи во ЕУ за десет до петнаесет години ако го задржи сегашното темпо на реформи. Во јуни Унијата планира да отвори две нови поглавја од преговорите -- деловно право и интелектуална сопственост. Досега се отворени шест од 35 поглавја. Рен, исто така, говореше за судската битка што е во тек за затворање на владејачката Партија на правдата и развојот, која вели дека ќе им наштети на реформските процеси.

Во другите вести, австрискиот министер за надворешни работи, Урсула Пласник, во понеделникот ја посети Анкара и рече дека иако вратите на ЕУ остануваат отворени за Турција, Анкара треба да ги разгледа и алтернативните патишта за пристап во блокот. „Можам да замислам специјално направена турско-европска заедница како друга рационална, реалистична алтернатива“, изјави Пласник на заедничката прес-конференција со својот турски колега, Али Бабаџан. Бабаџан потврди дека целта на Турција е полноправно членство. (AФП, Заман, Сабах, НТВ, Хуријет - 21/04/08)