Сејдиу ја отфрли можноста за српски избори во Косово

20/04/2008

ПРИШТИНА, Косово -- Претседателот Фатмир Сејдиу во петокот (18-ти април) рече дека помин времето кога Косово можеше да биде место за српски избори, нешто што, според него, Белград мора да го прифати. „Косово е независна и суверена држава, која е меѓународно признаена. Според принципот на двојно државјанство, сите Срби што сакаат да бидат и државјани на Србија, може да гласаат на српските избори [на 11-ти мај] во Србија“, рече Сејдиу во обраќањето пред парламентот, каде што го претстави својот годишен извештај за работата на претседателските институции и нивните идни задачи. Тој потврди дека главен приоритет сега е интеграцијата во евроатланските структури.

Во другите вести од петокот, Србија и Русија се согласија да го ратификуваат билатералниот енергетски договор пред парламентарните избори на 11-ти мај. За првпат парафиран на крајот од јануари, договорот предвидува учество на Белград во проектот за гасоводот Јужен тек. Исто така, беше потпишан договор за купување на 51 отсто од српското државно претпријатие НИС од страна на рускиот гигант Газпром. Москва објави дека ќе испрати повеќе авиони со хуманитарна помош за Србите на Косово, вклучително и тони пченица. (AФП, РИА Новости, Танјуг - 19/04/08; MИА, Косовапрес, Бетa - 18/04/08)