Турска парламентарна комисија го усвои амандманот на членот 301

18/04/2008

АНКАРА, Турција -- Комисијата за ЕУ интеграција на парламентот усвои предлог-закон доцна во средата (16-ти април) со кој ќе воведат измени на членот 301, најконтроверзниот дел од турскиот кривичен законик, за кој долго време се води дебата. На гласањето му претходеше вжештена дебата, и претставниците на екстремно десничарската Партија на националистичко движење на крајот ја напуштија дебатата. Според предложениот амандман, фразата „деградација на турскиот идентитет“ е заменета со „деградација на турската нација“ во обид да се елиминира нејасното дефинирање на турскиот идентитет. Предлог-законот, исто така, предвидува дека претседателот мора да го одобри отпочнувањето на кој било случај според членот 301. Истиот се користи постојано за судење турски интелектуалци, писатели и новинари, и покрај критиките од ЕУ.

Во другите вести од четвртокот, парламентот усвои клучна реформа за реструктуирање на скапиот систем на социјално осигурување. Вкупно 225 пратеници го поддржаа предлог-законот, додека 55 гласаа против. Главната промена -- со текот на децениите -- ќе биде постепеното зголемување на возраста за пензионирање на 65 од сегашните 48 за мажите и 44 за жените. Синдикатите се противат на реформите, но ММФ вели дека тие се фискално неопходни. (Заман, Хуријет - 18/04/08; НТВ, Ројтерс - 17/04/08)