Ердоган предвиде дека напорите за затворање на владејачката партија ќе пропаднат

16/04/2008

ДОХА, Катар -- Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган во вторникот (15-ти април) рече дека не верува оти неговата владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) ќе биде затворена од страна на Уставниот суд. Во Катар, каде што присуствуваше на меѓународната конференција за демократија и развој, Ердоган рече дека АКП сé уште не донесла одлука околу стратегијата, но правни експерти работат на истата. Главниот обвинител Абдурахман Јалцинкаја го изнесе случајот против партијата минатиот месец, обвинувајќи ја за поткопување на секуларизмот.

Министерот за надворешни работи, Али Бабаџан, вели дека владата разгледува две опции за реформа на уставот и поставување на потешки услови за затворање на една партија. Тој истакна дека стандардите на Советот на Европа дозволуваат затворање само на партиите што користат или застапуваат насилство. (Хуријет, Радикал, Сабах, Милијет, Заман - 16/04/08; новинска агенција Анадолу - 15/04/08)