16/04/2008
ХАГ, Холандија -- Трибуналот на ОН за воени злосторства во вторникот (15-ти април) им одреди условна слобода на двајца поранешни српски генерали и еден поранешен висок активист во непризнаениот ентитет Херцег-Босна, кој постоеше на територијата на Босна и Херцеговина (БиХ) помеѓу 1991 и 1994 година. Еден од генералите, Владимир Лазаревиќ, е обвинет за спроведување кампања на терор против косовските Албанци и другото несрпско население во 1999 година. Тој доби условна слобода од хуманитарни причини помеѓу 25-ти април и 1-ви мај.
Вториот обвинет е српскиот генерал Павле Стругар. Тој треба да биде ослободен шест дена, почнувајќи од среда или четврток. Во раните 90-ти Стругар беше командант на Југословенската народна армија, која го окупираше хрватскиот град Дубровник. Стругар беше осуден за смислен напад на цивили и уништување на градби, но тој поднесе жалба на таа пресуда.
Во понеделникот Трибуналот се согласи со условното ослободување на босанскиот Хрват Берислав Пусиќ. Тој ќе биде ослободен две недели, почнувајќи од четврток. Пусиќ и петмина други се обвинети за злосторства врз босанските муслимани и другото несрпско население во југоисточна БиХ помеѓу 1992 и 1993 година. (РИА Новости - 16/04/08; веб-страница на ОН, ИТАР-ТАСС - 15/04/08)