06/12/2007
САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Претседателството на БиХ во средата (5-ти декември) одреди краен рок за политичките партии да ги поднесат своите предлози за мандатор и членови на новиот Совет на министри. Тие имаат рок до 12-ти декември. Српскиот член на претседателството, Небојша Радмановиќ, објасни дека тоа ќе му овозможи на трипартитното претседателство да номинира нов премиер на својата редновна седница на 13-ти декември, а потоа предлогот да го достави до парламентот за потврдување. Вршителот на премиерската функција, Никола Шпириќ, се очекува да добие уште еден мандат, по оставката на 1-ви ноември во знак на протест поради новите мерки предложени од високиот претставник Мирослав Лајчак. Политичарите на босанските Срби го променија правецот и ги прифатија промените минатата недела.
Во другите вести од средата, американскиот помошник државен секретар, Даниел Фрид, го посети Сараево и го пофали парафирањето на Договорот за стабилизација и асоцијација оваа недела помеѓу БиХ и ЕУ, повикувајќи ги водачите да продолжат со разговорите за уставните реформи и реформите во одбраната. Тој, исто така, рече дека целосно од нив зависи дали косовската криза ќе се прелее и во БиХ. (Дневни аваз - 06/12/07; Фена, НТВ Хајат, Независне новине, БХРТ, РТРС, СРНА - 05/12/07)