02/12/2007
ПРИШТИНА, Косово, Србија -- „Насилството не е опција, насилството нема да се толерира и не може да се толерира“, рече генералниот секретар на НАТО, Јап Де Хоп Шефер, за време на кусата посета на Косово во петокот (30-ти ноември). Тој понатаму рече дека командантите на КФОР ќе побараат засилување ако ситуацијата се влоши. „КФОР е тука и ќе остане да го штити секој косовски граѓанин, подеднакво од мнозинството и од малцинството“, рече Де Хоп Шефер.
Во другите вести од петокот, Србија ја блокираше декларација за Косово предложена на министерската седница на ОБСЕ во Мадрид. Српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, за новинарите изјави дека Белград се противи на одредбата дека мисијата на ОБСЕ треба да продолжи со своите активности без оглед на идниот статус на Косово. „Тоа е апсолутно неприфатливо“, рече Јеремиќ, додавајќи дека не е потребно „да се одвојува одреден аспект од меѓународното присуство во Косово“. (AП, АФП, Фајненшал тајмс, Б92, Бета, Танјуг, ИТАР-ТАСС, Мондо - 01/12/07)